Бојкотот како аларм – ќе ги разбуди ли трговците?! 

Ќе почнат ли трговците да играат фер и да ги намалуваат цените по денешниот бојкот на маркетите? Граѓаните на социјалните мрежи коментираат дека не им требаат инспектори, бидејќи тие секојдневно се во маркетите и оти сè е видено и сè е јасно. И маалските продавници се со норвешки цени, само што немаат можност за склучување договори на одложено плаќање како големите маркети, коментираат дел од граѓаните на социјалните мрежи. Иницијативата за бојкотот на маркетите ја поддржаа сите, а маркетите ден пред бојкотот излегоа со акции за намалување на цените на основните производи, а дел од нив решија да прават попис додека трае бојкотот

1529

Иницијативата за денешниот бојкот на маркетите наиде на широка поддршка од граѓански здруженија, стопанските комори, политичките партии. Најавата за бојкотот на маркетите ги натера граѓаните уште рано наутро да излезат на пазарење и да ги испразнат полиците со леб и други основни производи. Маркетите, пак, излегоа со акции за намалување на цените на основните производи, а дел од нив решија да прават попис додека трае бојкотот. Од Организација на потрошувачи на Македонија, апелираат граѓаните да се воздржат непотребни работи и да трупаат резерви, бидејќи прометот на трговците ќе им биде ист и ништо не сме направиле. Од Занаетчиската комора, пак, ги повикаа граѓаните да направат поправеден избор и да пазарат кај малите занаетчии.

Граѓаните на социјалните мрежи велат дека со бојкотот сакаат да им покажат на трговците дека претераа со растот на цените на храната, затоа што како што стојат работите, излегува дека маркетите да се посилни од државата. И маалските продавници се со норвешки цени, само што немаат можност за склучување договори на одложено плаќање како големите маркети, коментираат граѓаните на социјалните мрежи.

-Големите маркети се посилни од државата веќе подолго време, и некој мора да ги заузда, бидејќи претераа, коментираат граѓаните на социјалните мрежи.

-На овој начин ќе се подигне свеста кај трговците, особено кај големите ланци на супермаркети кои не ги почитуваа ниту мерките на Владата. Не верувам дека со бојкотот трговците ќе се откажат од високите профити, но купувачите ќе докажат дека имаат моќ. Ќе имаат поголема дисциплина и самите ќе се коригираат. Сепак, ако не интервенира Владата, ќе продолжат да си тераат по свое. Владата треба да преземе мерки за подолгорочно да важат ниските цени. Така, на пример, пролетната кошница која се најавува подолго време, треба да трае најмалку три месеци за да има ефект. Значи потребни се подолгорочни мерки, не вакви инстант мерки кои се покажа дека не даваат резултати. Слична е ситуацијата и со Законот за нефер трговски практики кои не профункционира во пракса. Потребно е Владата да не кажува однапред за мерките кои планира да ги преземе, за да немаат време трговците да се подготват и да ги покачат цените, изјави за ВЕЧЕР, Маријана Лончар-Велкова, претседател на ОПМ.

Од Занаетчиската комора апелираат до граѓаните секогаш кога ќе имаат можност да купат леб, други прехранбени продукти во пекари и во други дуќани за да се поддржи локалното производство. Воедно, апелираат до занаетчиите да ги намалат цените на своите продукти, изјави претседателот на ЗКРСМ, Агрон Фазлији.

-Во петок цените кај занаетчиите ќе бидат за десет проценти пониски за купувачите. Ова е мал, но важен чекор за да покажеме дека локалната економија може да ги поддржи граѓаните со поправедни цени и подобар квалитет. Апелирам секогаш кога се во можност, не само за време на бојкотот, туку секогаш, купувачите да избираат продукт кај малите занаетчии, изјави претседателот на ЗКРСМ, Агрон Фазлији.

И партијата на пензионерите го поддржа бојкотот и ги повика сите пензионери да го покажат својот став со конкретна акција за бојкот на сите оние кои на грбот на сите нас остваруваат енормни, нефер и неетички финансиски профити. Истовремено, Партијата побара од Владата преземања на крајни и ефикасни мерки за конечно и долгорочно решавање на оваа константна пракса на трговците во земјата.

-Сметам дека е редно време да се види кој е главен во државата и кај кој лежи силата. Но, исто така сметам дека не треба да се имаат илузии и да се очекува дека бојкотот ќе има некакви огромни ефекти. Луѓето, пак, на крајот на краиштата ќе мора да купуваат од некои трговци, било да се тоа големите супермаркети или некои мали дуќанчиња, па затоа нема нешто многу да ги намалат цените. Но ќе биде добро ако бојкотот малку ги затресе фирмите, или, пак, поттикне малку конкуренција меѓу нив, и тие намалат некои цени поради ова, или барем престанат да ги креваат во иднина, изјави Бранимир Јовановиќ, економскиот аналитичар од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.

Според економистите, цените лесно се зголемуваат нагоре, а многу тешко се намалуваат надолу. Тоа го покажа и инфлацијата во 2008 година, после која  цените никогаш не се вратија на претходното ниво. Слична беше ситуацијата и со инфлацијата од 1990 година. Затоа, од макроекономска гледна точка, поефективна политика во ваквите случаи е да се покачуваат платите. Кога веќе не можете многу да ги намалите цените, зголемете ги примањата, и така заштитете ја куповната моќ.

Универзитетскиот професор Љупчо Јаневски вели дека треба да купуваме директно од производителите без прекупци, да купуваме македонски производи и да купуваме во маалски продавници кои имаат само маржа на производите и се семеен бизнис.

-Владата поддржува бојкот во кој помалку ќе се купува и продуцира данок на добивка, загрозувајќи работни места отколку да нуди решенија кои се веќе дадени, а ставени на страна и маргинализирани. Законот за нефер трговски практики на кој долго работеше Сојузот на стопански комори и останатите комори со мали подобрувања може да ги регулира односите на големите маркети и производителите создавајќи услови за фер маржи без скриени условувања. Поради тоа веднаш треба да се примени создавајќи исти пазарни услови за сите. Да не заборавиме дека на ниту една влада досега не ѝ пречеше земањето екстра пари од големите маркети за позиција на полица за производите, измислени маркетинг промоции, влезни давачки за секој бар код производ, почек на стока до 120 дена, излезни проценти на фактури кои се враќаат на маркетите со крајна цел максимален притисок на производителите и добавувачите. Без никаква заштита на домашното производство или условување колку проценти домашни производителите на рафтовите, стимул за нив, а да не зборуваме за помош или развојни стратегии на земјоделието, домашната индустрија…. Оваа работа не се завршува со бојкот на маркетите еден ден, бидејќи се работи за длабоки проблеми, изјави Јаневски.

Изминативе години се спроведуваа разни мерки за запирање на инфлацијата, се замрзнуваа цените и маржите, а од минатата година се воведоа кошнички за да се пазари поевтино. Од сето тоа ниту инфлацијата се намали, ниту цените се стабилизираа. Освен во Македонија, бојкот на маркетите утре ќе се одржи и во Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Словенија.

Останува да видиме дали по ваквите граѓански иницијативи трговците ќе играат пофер и конечно ќе ги намалат цените.

(А.С.)

ИЗДВОЕНИ