Премиерот Христијан Мицкоски најави контроли во големите супермаркети во врска со цените и истакна дека утре ќе се знае подетално какви се ефектите од бојкотот. Според податоците на УЈП, осумте најголеми трговски синџири забележале пад на прометот за 46,59 % во споредба со минатиот петок, а за 46,29 % во однос на четвртокот. Од еден од маркетите најавија дека во првиот квартал од годинава нема да прифаќаат изменети ценовници за производите од набавувачите, во спротивно ќе бидат принудени дел од производите што нема да се вратат на нивото пред поскапувањето, односно од пред 1.1.2025 година, да не ги набавуваат. По петочниот бојкот, граѓаните иницираат на социјалните мрежи нови, еднонеделни бојкотирања на поголемите синџири маркети 

 

По бојкот за пазарење во големите супермаркети во петокот, кој првпат се реализираше во земјава, по примерот на Хрватска и на други земји во регионот, ги остави речиси празни најголемиот дел од нив, а беше намалено и пазарењето во помалите продавници и на пазарите. Според податоците на Управата за јавни приходи, осумте најголеми трговски синџири забележале пад на прометот за 46,59 % во споредба со минатиот петок, а за 46,29 % во однос на четвртокот.

Премиерот Христијан Мицкоски најави контроли во големите супермаркети во врска со цените и истакна дека утре ќе се знае подетално какви се ефектите од бојкотот.

– Излегоа на терен сите институции, повеќе информации би имал денеска, но можам да кажам дека се наоѓаме буквално во сите поголеми супермаркети и се прави детална анализа. Можам да кажам дека нашите стравувања стануваат вистина и реалност, така што дејствуваме и ќе продолжиме да дејствуваме. Како Влада, имаме обврска да го штитиме стандардот на граѓаните – истакна Мицкоски.

Тој нагласи дека истовремено ќе се води сметка и за пазарната економија, односно да не дојде до нарушување на нејзините принципи и додаде дека сите засегнати треба заедно да работат со цел да излезат како победници од целата ситуација.

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, апелираше да се почитува Законот за нефер трговски практики и да не се злоупотребува моментот дека некоја надлежна институција не излегла на терен.

– Може да направиме контроли и по една година и да се вратиме наназад и да ги казниме. Ќе следуваат драконски казни. Затоа апелирам да не се злоупотребува моментот ако некоја надлежна институција не извршила контрола – истакна министерката.

Економскиот аналитичар Абил Бауш смета дека економската ефикасност на еден ваков еднодневен бојкот е ограничена, бидејќи не носи директен финансиски притисок врз трговските синџири.

– Поголемо влијание би можело да се постигне преку подолгорочни и координирани потрошувачки движења, како што се целните бојкоти на конкретни производи или синџири маркети или преку системски решенија што би резултирале со долготрајна стабилизација на цените – вели Бауш.

Сепак, тој нагласува дека бојкотот претставува сигнал дека граѓаните се свесни и подготвени да реагираат на економските предизвици, но сам по себе нема да биде доволен за структурни промени во цените.

– Доколку се надополнат ваквите иницијативи со конкретни мерки од институциите и ако постои јасен план за долгорочно стабилизирање на цените, ефектите би можеле да бидат поголеми. Суштинското прашање останува како ќе најдат Владата, трговците и граѓаните заедничко решение што ќе ги балансира економските интереси и социјалната одржливост – вели Бауш.

За претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, проблемот со високите цени може да се реши во дијалог меѓу производителите и продавачите.

– Ние ќе се однесуваме најодговорно и заедно со Владата ќе бараме решение за тоа и, нормално, со другите чинители – рече Азески.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија велат дека треба да се каже „стоп“ за профитот врз грбот на работничката класа. Оттаму велат дека со повисоките цени, се врши кражба на работничките плати. Тоа го поткрепуваат со податоците за синдикалната минимална кошница, која во делот за храна и пијалаци за јануари 2025 изнесува 23.198 денари и ако се спореди со тој месец лани, кога изнесувала 21.007 денари), таа е зголемена за 2.191 денари, односно за 10,43 %. Од ССМ нагласуваат дека минималните трошоци на едно четиричлено семејство во јануари се зголемени за 391 денар во однос на декември. Во делот за храната и пијалаци се бележи зголемување од 123 денари. Трошоците за живот во декември годинава, во однос на декември минатата година, се зголемени за 4,4 %, а цените на мало за 4,3 %.

Од СДСМ бараат Владата да ги прифати нивните предлози за укинување на ДДВ-то на основните прехранбени производи, за зголемување на минималната плата и на платите во другите ресори и да се преземат мерки за контрола на цените на храната и на енергенсите.

– Огромна е скапотијата, граѓаните се борат да преживеат и да ги задоволат основните потреби, а Владата не презема ништо. Цените на основните производи се вивнати до небо, потрошувачката кошничка за само еден месец поскапи за 400 денари и достигна рекордни 63.000 денари – посочија од СДСМ.

Оттаму нагласија дека големата скапотија и високите цени ги изеле приходите на македонските семејства и сметаат дека тоа е закана за зголемување на сиромаштијата.

Од еден од маркетите се правдаат дека се изложени на погрешна перцепција од јавноста, дека цените во нивните малопродажни објекти се одраз исклучиво на политиката на високите малопродажни маржи, а сето тоа насочено кон постигнување екстра зголемен профит. Велат дека во првиот квартал од годинава нема да прифаќаат изменети ценовници за производите од набавувачите, во спротивно ќе бидат принудени дел од производите што нема да се вратат на нивото пред поскапувањето, односно од пред 1.1.2025 година, да не ги набавуваат. Ќе им бидат прифатливи само изменетите цени до ниво правопропорционално со годишната стапка на инфлација согласно со официјалните податоци на Државниот завод за статистика.

По петочниот бојкот, граѓаните иницираат на социјалните мрежи нови еднонеделни бојкотирања на поголемите синџири маркети.

Во Унгарија, Полска и во Македонија, лебот најмногу поскапел

Македонија се најде на третото место во Европа според поскапувањето на лебот. „Евростат“ регистрира дека има големо покачување на цената на лебот во Македонија од 65 % споредено со неговата цена од пред пет години. Тоа е трето најголемо поскапување на лебот во Европа, најголемото поскапување е евидентирано во Унгарија од 113 %, а во Полска од 75 %. Големо поскапување на лебот има и во Словачка од 62 % и во Хрватска од 58 %, а во нашето опкружување, цената на лебот во Бугарија станала повисока за 54 %, а во Србија за 39 %.

Лебот најмалку поскапел во Швајцарија – 8 отсто, во Финска – 17 отсто, во Франција – 20 отсто и во Шведска – 20 отсто.

Бизнисменот Велија Рамковски проценил дека реалната цена на лебот е 17 денари и прашува зошто нема регулаторно тело за лебот.

Граѓаните сметаат дека цената на лебот и на белите печива е превисока. На социјалните мрежи прашуваат како може ѓеврек да чини 30 денари, а четвртина бурек 90 денари ако еден килограм пченица е 8 денари, килограм трици 18 денари, а килограм брашно 25 денари. Велат дека се големи апетитите на пекарите.

(С.Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ