Бојкотот да не се користи за политички препукувања, казните за трговците нема да го зголемат паричникот на граѓаните

Граѓаните на социјалните мрежи повикуваат на помасовен бојкот или, како што велат, в петок ќе има поправен за оние кои не бојкотираа минатиот петок. Од власта најавија ригорозни контроли на маркетите и драконски казни за прекршителите. Од Организација на потрошувачи на Македонија, велат бојкотот на маркетите да не се користи за политички препукувања, односно за тоа кој носел подобри мерки. Апелираат за што побрзо носење на конкретни мерки, бидејќи како што велат казните што ќе ги изречат инспекторите нема да го зголемат паричникот на граѓаните. Политичките партии, пак, наместо да нудат решенија го користат бојкотот на маркетите за дневно политички поени. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека СДСМ се виновни за високите цени во маркетите, бидејќи не го спречиле дивеењето на трговците. Од СДСМ, пак, велат дека откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт, животот на повеќето граѓани е претворен во секојдневна борба како да го преживеат месецот поради лошите политики

441

На социјалните мрежи се шири нов повик за бојкот на маркетите во петок кој е насловен како „Црн петок“ за маркетите. Граѓаните на социјалните мрежи повикуваат на помасовен бојкот или, како што велат, в петок ќе има поправен за оние кои не бојкотираа минатиот петок. Од власта најавија ригорозни контроли на маркетите и драконски казни за прекршителите, а инспекторите од Државниот пазарен инспекторат почнаа да ја проверуваат документацијата за да видат дали трговците забегале со профитните маржи. Од Организација на потрошувачи на Македонија, вела бојкотот на маркетите да не се користи за политички препукувања, односно за тоа кој носел подобри мерки. Апелираат за што побрзо носење на конкретни мерки, бидејќи како што велат казните што ќе ги изречат инспекторите нема да го зголемат паричникот на граѓаните.

Премиерот Христијан Мицковски рече дека нивните стравувања станале реалност, односно се потврди фактот дека трговците ја изиграа и власта и си тераат по свое.

-Нашите стравувања стануваат вистина и реалност, така што дејствуваме и ќе продолжиме да дејствуваме. Како Влада, имаме обврска да го штитиме стандардот на граѓаните. Истовремено ќе се води сметка и за пазарната економија, односно да не дојде до нарушување на нејзините принципи. Сите засегнати страни треба заедно да работат со цел да излезат како победници од целата ситуација, изјави Мицкоски.

Политичките партии, пак, наместо да нудат решенија, го користат бојкотот на маркетите за дневно-политички поени. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека СДСМ се виновни за високите цени во маркетите, бидејќи не го спречиле дивеењето на трговците. Од СДСМ пак велат дека откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт животот на повеќето граѓани е претворен во секојдневна борба како да го преживеат месецот поради лошите политики.

Од Левица велат дека бојкотот на маркетите го покажа народниот револт од бескорисните владини мерки. Зголемувањето на профитот, којшто го оствариле големите ланци на маркети, само во период од околу една година е 40 отсто. Ова дополнително го потврдува зголемувањето на минималната потрошувачка кошничка, која е недостижна за сè повеќе семејства.

-Цените на основните производи растат. Инфлацијата во последните две години достигна неверојатни 25 отсто. Минималната плата за жал останува иста! Статистиката потврдува дека нови 13.000 граѓани живеат под прагот на сиромаштијата само поради инфлацијата на храната, што изминативе две години достигна 32,6 отсто, велат од Левица.

Од Организација на потрошувачи на Македонија, пак апелираат бојкотот на маркетите да не се користи за политички препукувања, односно за тоа кој носел подобри мерки.

-Бојкотот не е политичка, туку граѓанска акција и нема место за политичките партии, односно да кажуваат кој имал подобри, а кој полоши мерки. Мерките се добредојдени и важно е да има мерки за да се сопрат трговците. Потребни се конкретни мерки, како што презема Хрватска, односно ограничување на цените на над 70 производи, изјави за ВЕЧЕР, Маријана Лончар-Велкова, претседател на ОПМ.

Таа додава дека и покрај тоа што се очекуваше дека ќе има поголем промет во четвртокот и во саботата тоа не се случи. Немаше големи осцилации во прометот ден претходно и ден потоа, а во петокот прометот беше преполовен.

Според податоците на Управата за јавни приходи, осумте најголеми трговски синџири забележале пад на прометот за 46,59 отсто во споредба со минатиот петок, а за 46,29 отсто во однос на четвртокот. Проценките се дека над 100 илјади купувачи учествувале во бојкотот бидејќи УЈП преброја над 170 илјади помалку фискални сметки.

Од ОПМ бараат мерки кои ќе имаат ефект, а не само најави за казни за драконски казни на трговците.

-Казните што ќе ги изречат инспекторите нема да го зголемат нашиот паричник. Не знам ни дали после казните трговците ќе ги намалат цените и колку време ќе треба тоа да се случи. Сите треба да разберат дека на граѓаните им требаат мерки веднаш и сега затоа што цените се навистина се отидени до плафон, вели Лончар Велкова.

На бојкотот во петокот граѓаните беа со поделени мислења околу тоа дали треба ваква акција и дали истата ќе вроди со плод. Но, генерално сите сметаат дека крајно време е да се каже не на профитирањето на големите маркети врз грбот на граѓаните со цел да се изврши притисок за намалување на цените на храната.

(А.С.)

 

 

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ