Бојковски: Граѓаните треба да знаат за што ќе бидат потрошени нивните пари!

256

– Ненормално е да не знаеме како се креира буџетот од градската администрација и да не учествуваме како советници во постапката. Не можам да разберам како, и претходните години, се правело тоа. Се работи за пари на граѓаните и тие треба да знаат за што ќе бидат потрошени во 2025 година – истакна Тони Бојковски, советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Тој ги повика градската администрација и градоначалничката Арсовска да го променат пристапот и да вклучат повеќе страни: месните и урбаните заедници, невладините организации и другите релевантни групи

 

Предлог-буџетот на Град Скопје е веќе готов и чека на одобрување од скопската градоначалничка, Данела Арсовска. Но, и годинава, како и претходните години, градските советници се изоставени од процесот на креирање на буџетот на Град Скопје за 2025 година. На ова, на денешната редовна седница на Советот на Град Скопје, укажа советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Бојковски.

– Ненормално е да не знаеме како се креира буџетот од градската администрација и да не учествуваме како советници во постапката. Не можам да разберам како, и претходните години, се правело тоа. Се работи за пари на граѓаните и тие треба да знаат за што ќе бидат потрошени во 2025 година – истакна Бојковски.

Тој објасни дека нацрт-буџет значи учество на сите советници со предлози – советници што се избрани од граѓаните.

– Согласно со програмата што била доставена во текот на изборите, таа програма може да трпи и измени, затоа што потребите на граѓаните може да се разликуваат од потребите пред три или четири години. Или, во најмала рака, некои дополнувања со нови или со стари предлози што не биле направени пред три години, оваа година да се направат – истакна Бојковски.

Според него, ваквата ситуација е без преседан, бидејќи, како што кажа, има долгогодишно искуство во локалната самоуправа.

– Четири години сум бил претседател на Советот, четири години сум бил член на Управниот одбор на ЗЕЛС, четири години сум бил потпретседател на Комитетот на совети на Република Македонија и не можам да разберам дека и претходните три години немало нацрт-буџет или немало креирање буџет во согласност со советниците – рече Бојковски.

Тој ги повика градската администрација и градоначалничката Арсовска да го променат пристапот и да вклучат повеќе страни.

– Јас ве замолувам, како администрација, и ја замолувам госпоѓа Арсовска да нè вклучите во работата со администрацијата на Град Скопје во креирањето на буџетот за 2025 година. Да направиме еден нацрт-буџет, да ги усогласиме сите работи што треба да сe усогласат, за кога ќе имаме седница со точка на дневен ред буџет за 2025 година да нема разногласие, да нема дополнителни амандмани, да нема дополнителни различни мислења, па прекинување на седница или да се доведеме до ситуација да мора да го изгласаме до рокот – истакна Бојковски.

Тој истакна дека, при подготовката на буџетот, е потребна поширока консултација со месните и со урбаните заедници, со невладините организации и со другите релевантни групи.

– Вклучување на месните заедници, урбаните заедници, авторитетите, „таргет“ групите, невладините организации. Затоа што тоа е буџет, пари на граѓаните, и мислам дека треба да знаат за што ќе бидат потрошени парите во 2025 година – заклучи Бојковски.

На седницата, зелено светло доби одлуката за воспоставување меѓуопштинска соработка меѓу Град Скопје и Општина Бутел за приклучок на водоводната мрежа на населените места Љубанци и Љуботен во Општина Бутел. Повторно не беа изгласани одлуките за давање согласност за склучување договор за имплементација на проектот „Воведување брз автобуски превоз во Град Скопје“ и за набавка на екоавтобуси.

Од Град Скопје со соопштение реагираа дека неизгласувањето на овие точки е само уште една потврда дека ВМРО-ДПМНЕ и нивните советници немаат намера да го средат хаосот во јавниот сообраќај.

– Советниците на ВМРО-ДПМНЕ повторно, по 26 пат одбија да гласаат набавка на нови автобуси.Повторно го блокираа проектот за БРТ со кој Скопје би добил 60 нови автобуси во рамки на брзиот автобуски превоз.И како тоа да не е доволно, Советниците на ВМРО-ДПМНЕ одбија да ја стават на дневен ред точката по барање на приватните превозници, со која тие бараат зголемување на надоместот за јавен превоз, сѐ со цел за да се продлабочи кризата и зголеми хаосот – потенцираат градските власти.

Оттаму, апелираат до граѓаните, следниот пат кога имаат можност својот глас да го дадат на локални избори за избор на Совет на град Скопје, да не веруваат на ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ.

На редовната седница ѝ претходеше онаа за поставување советнички прашања, на која, по кој знае кој пат, не присуствуваше Арсовска за да одговори на нив. Таа не се одржаа бидејќи, како што констатираше претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, не биле исполнети условите за тоа.

(А.П.)