– Судската практика не предвидува заштита на човековите права и судовите не утврдуваат правна одговорност во областа на животната средина што е еден од предизвиците со кои се соочува државата, истакна Бојан Трпевски, од Здружението на млади правници кого пратениците прв го сослушаа на надзорната расправа на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот.
Тој посочи дека Здружението на млади правници има покренато две тужби, едната против Влада и против Град Скопје, а другата против Министерството за животна средина и Општина Битола.
– Покрај овие две тужби имаме поведено и други постапки за загаден воздух и диви депонии и неправилно управување со отпад. За жал сите се отфрлени од судовите, а една е пред Судот во Стразбур, додека тековно пред Виш управен суд имаме постапка по жалба – рече Трпевски.
Тој посочи дека има ад хок решенија за заштита на амбиентниот воздух, но нема стратешки документ.
– Нашето истражување од 2023 година укажува на намалување на бројот на податоци за среднодневните концентрации на ПМ-10 и ПМ-2,5 честички што укажува дека државните мониторинг мерки станици се соочуваат со проблеми во обезбедување континуирани податоци за концентрација на честичките – укажа Трпевски.
Тој не ги спори мерките од Владата што се преземаат за справување со аерозагадувањето, но смета дека е поважно да се согледаат ефектите и да се има стратешки пристап наместо со ад-хок мерки. Според него, клучно е финансирањето за спроведување на законите во областа на животната средина и е нужно поголемо издвојување на средства од Буџетот.
Татјана Чакулев од „О2 Иницијативата“ повикувајќи се на податоците на мерните станици во поголемите градови во државата. посочи дека најмногу до девет дена во годината македонските граѓани дишат чист воздух. Игор Смилев од невладината „Green Power“ од Велес рече дека општините немаат и не сакаат да имаат локални инспектори бидејќи ќе се замерат со тие што донираат за нивната политичка партија.
– Криви сте сите политички фактори за аерозагадувањето во Македонија и што дозволивте граѓаните да се задушуваат во најзагадената животна средина. Криви сте за непочитување на законите кои постојат, а не се спроведуваат, што не не ослободивте од старите извори на енергија и што сте посветени и натаму на користењето јаглен. Додека другите се движат кон обновливи извори и одат напред, ние останавме заглавени – порача Смилев.
Власта и опозицијата со свои Надзорни расправи околу аерозагадувањето
Партиите од власта и опозицијата се поделија околу одржувањето на Надзорната расправа за аерозагадувањето со што секоја од двете страни организира свои седници. Претседателот на Комисијата, Димитар Апасиев, на почетокот на расправата рече дека неа ја побарале 20 пратеници од опозициските Левица и СДСМ на почетокот на годинава, повикувајќи се на правото на здрава животна средина кое е гарантирано во член 43 од Уставот и на ратификувани меѓународни конвенции. Апасиев соопшти дека владини претставници не се одѕвале на поканата да учествуваат на надзорната расправа, а дека покана добиле премиерот Христијан Мицкоски, министерот за животна средина и прв вицепремиер Изет Меџити и министерката за енергетика Сања Божиновска.
Од друга страна, Комисијата за здравство, чиј претседател е Рашела Мизрахи од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, во петок ќе одржи седница на која ќе треба да се договори кога ќе се одржи надзорната расправа, а до 3 март ќе треба да се достават предлог листи со учесници на надзорната расправа. Според начелниот договор, би требало надзорната расправа да се почне на 21 март.