Солзи, тага, неутешни зборови, но и голем бес поради неможноста да се смени нешто на подобро за никогаш повеќе да не се повторат вакви трагедии и понатаму доаѓаат од поранешните југословенски популарни пејачи, кои често настапуваат во дискотеките и во ноќните клубови во Македонија. Бурно реагираат Харис Џиновиќ и Бојан Маровиќ. – За жал, премногу трагични работи видов во мојата кариера. Пеев во разни клубови и кафеани. Обично мора да се случи нешто жално за да реагираат луѓето. Тоа е она што ме нервира цел живот.
Еден човек умира, велат, бидејќи никогаш не бил на лекар. Умрел бидејќи не отишол да побара помош. Така и ова што беше одложувано со години, се случи, за жал, во Кочани. Требаше да се направи ревизија на сè што е гнило, а има многу гнили работи во системите на државите од поранешната Југославија – вели Џиновиќ.
И црногорскиот поп-пејач Бојан Маровиќ, кој често пее во Македонија, тврди дека не се почитуваат основните права на човекот.
– Македонија е мојата втора куќа, со моите пријатели. Не можам да се помирам со тоа, немам зборови, постојано се прашувам зошто мораше да отиде сето ова толку далеку. Уште пострашно е што мора да има човечки жртви за да обрне некој внимание на пропустите. Срцето ми се кине! – вели популарниот Маровиќ за весникот ВЕЧЕР. (Д. М.)