Во Музејот галерија Кавадарци, на 14 февруари (петок), во 19:00 часот, по повод Свети Трифун, празникот на лозарите, ќе биде отворена изложбата „39 мапи на креативноста“. Инаку, пред присутната публика ќе бидат претставени боите на св. Трифун низ делата на 39-мина уметници, меѓу кои: Решат Амети, Горан Боев, Ниче Василев, Јулијана Гешовска, Стадим Димитров, Синиша Кашавелски, Перо Кованцалиев, Ангел Коруновски, Павле Кузмановски, Благојче Наумовски, Страхил Петровски, Владимир Темков, Дита Старова-Керими, Стефан Хаџи-Николов, Трајче Чатмов, Љубица Мешкова-Солак, Дејан Иванов-Маргуш, Касиопеја Наумоска, Горан Боев, Доне Милјановски, Томе Мишев, Илија Спасовски, Новица Трајковски, Лазе Трипков, Мирослава Микиќ- Трујковска…
„На оваа традиционална ликовна изложба, која се реализира повеќе од дваесет години, ќе учествуваат 39-мина реномирани ликовни уметници од нашата земја. По повод оваа групна изложба, тие ќе се претстават со по две новосоздадени дела, односно ќе бидат изложени 76 сликарски дела, како и 6 скулптури. Делата се со најразлична техника на изработка: маслена техника, акрил, хартија, комбинирана техника, скулптура…“, вели директорот на Музејот галерија Кавадарци, м-р Јаким Зимоски.
Според Трајче Цветков, историчар на уметност, ликовните групни изложби служат како динамичен и привлечен начин да се прикажат различни креативни изрази во еден обединет простор.
„Со спојување на повеќемина уметници со различни перспективи, техники и теми, овие изложби обезбедуваат платформа за истражување на раскрсниците на индивидуалниот талент и колективна визија. Предноста на оваа изложба е големата разновидност на секое од овие дела, што е сведоштво на уметничката слобода и посветеност. Токму оваа разновидност ни овозможува да го погледнеме широкиот спектар на ликовниот естетски пристап. Галеријата станува микрокосмос во кој уметниците разменуваат идеи и инспирација еден со друг, а кај гледачот, овој микрокосмос го предизвикува и проширува разбирањето за уметничкиот светоглед. Во светот на ликовната уметност, индивидуалниот израз е неограничен“, вели Цветков.
Тој додава дека иако секој од овие 39-мина сликари претставува уникатен свет од идеи, форми, бои и од текстури, сите тие имаат цел создавање заедничка визуелна приказна и простор за дијалог.
„Авторите ја прославуваат уметноста како средство за слободно изразување. Заедно тие создаваат една целина, која ги покажува сите потенцијали и убавини на современата ликовна уметност. Секој уметнички чин е акт на слободата и прослава на бескрајните можности на човечкото битие“, додава Цветков.
Инаку, во Македонија, денот посветен на свети Трифун спаѓа во поголемите православни празници и на тој ден се врши закројување на лозниците. (Д.Т.)