Богдановски е најдобар пожарникар, Бислими најдобар полицаец во Општина Куманово за 2024 година

22

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, денеска им ги врачи наградите на најдобрите припадници на СВР Куманово и на противпожарната единица.

Годинава на предлог на ТППЕ Куманово и на СВР Куманово за најдобар пожарникар е прогласен Никола Богдановски, а Аднан Бислими за најдобар полицаец.

– Во мое лично име и во име на граѓаните им се заблагодарувам за нивниот професионален ангажман. Имавме високо ниво на соработка со полицијата во градот, а дополнително и нашите пожарникари многу ревносно и професионално си ја извршуваа својата работа – изјави Димитриевски.

Богдановски информираше дека шест години работи како пожарникар-спасител и изрази благодарност до колегите со кои соработува.

– Оваа 2024 беше предизвикувачка со голем број интервенции и пожари – рече Богдановски.

Бислими има 21 година работен стаж. И тој се заблагодари на поддршката од колегите и претпоставените.

– Многу е важно професионално да се извршува работата – истакна Бислими.

Традиционално, најуспешните полицаец и пожарникар за 2024 година добија пригодни подароци од општина Куманово

Општина Куманово постојано вложува во ТППЕ Куманово, а надлежните од општината најавија нејзино доопремување.

– Годинава ќе го дооформиме доброволното противпожарно друштво. Апелирам младите да се вклучат во волонтерските активности. Имавме можност да ја посетиме Австрија, Тирол и ги видовме нивните искуства и ако ги пренесеме овде ќе добиеме дополнителна логистичко техничка поддршка, сметам дека ќе ги засилиме капацитетите во делот на гасење на пожари на отворено – нагласи Димитриевски.