Македонската ракометна репрезентација со пораз од Франција 32:25 (18:14) во последното коло ја завршија главната фаза на Светското првенство. Натпреварот во „Арена Вараждин“ им припадна на „триколорите“, меѓутоа и „црвено – жолтите“ имаа светли моменти. Но, кристално јасно се виде и зошто ривалот е меѓу првите фаворити за злато на овој шампионат.
Ова, пак, значи конечен пласман на 15. позиција, што може да се одреди уште сега без разлика што сѐ уште не се одиграни мечевите од вторите две групи од втората фаза. Македонија од сите четвртопласирани селекции може да биде подобра само од Италија, која исто така има четири бодови, но со полоша гол разлика, додека селекциите на истата позиција како нашата во групите 3 и 4 уште сега имаат подобар скор од нашите момци, што значи дека пласманот уште сега ни е одреден.
Капитенот Кузмановски имаше осум реализации, исто колку и Дика Мем во францускиот тим. Од голманите со десет интервенции кај нас се истакна Митревски, додека две имаше Галевски.