Македонија има голем подем кога е во прашање кик-боксот, а за тоа најдобро говорат резултатите кои ги постигнува нашиот најдобар спортист – Бобан Илиоски.
Европскиот шампион во категоријата до 86 килограми беше прогласен за „Спортист на годината“ за 2024, а за весникот ВЕЧЕР ги откри плановите за оваа година, како и тоа дали популарноста му создава притисок.
ФОТО: Петр Стојановски
Прво, кик-боксерот говореше за остварените резултати изминатата 2024 година со кои дојде до најпрестижната награда во Македонија – „Спортист на годината“, односно колку е задоволен од постигнатите цели.
- Задоволен сум од постигнатите резултати изминатата година, имав професионален меч во Скопје за што ми беше посебно задоволство да се борам пред своја публика. Тука е и европското првенство во Атина, каде што повторно се искачив на највисокото скалило. За да дојдам до ова признание, вложив многу работа, труд и посветеност долги години, кои беа пресудни за постигнатите резултати и се разбира изборот за најдобар спортист во Скопје и цела Македонија. Ова признание ми дава мотив за работа и гордо да ја претставувам Македонија на најголемите кик-бокс сцени низ целиот свет, започна Илиоски.
Потоа спомена што може јавноста да очекува од него во 2025 година со оглед на тоа што му претстои Светско првенство.
- Во 2025 година пред се ми е цел да се бидам во најдобра форма, да тренирам во Холандија и да имам професионални мечеви насекаде низ светот и борба во најголемата кик-бокс светска организација „Глори“, додаде Илиоски.
За разлика од повеќето спортисти кои имаат свои идоли, Бобан гледа од поинаква перспектива.
- Немам идоли, јас сум човек што го идолизира Господ и се трудам што е можно повеќе да го живеам христијанскиот живот, посочи Илиоски.
Добрите резултати и големите победи го етаблираа Илиоски во еден од најдобрите спортисти во нашата земја, но сето тоа не му создава притисок, а воедно им испрати и порака на најмладите.
- Не ми претставува притисок, напротив ми е задоволство што младите сакаат да се занимаваат со кик-бокс и да живеат спортски живот, заврши кик-боксерот.
Кристијан ТРАЈКОВСКИ