
Според информациите објавени од „Блумберг“, Соединетите Американски Држави планираат да побараат Русија експлицитно да го признае правото на Украина да има свои вооружени сили и одбранбена индустрија како дел од мировниот предлог.
На оваа позиција ќе инсистира специјалниот американски пратеник Стив Виткоф, кој треба да го постави прашањето со рускиот претседател Владимир Путин за време на нивната следна средба, велат извори запознаени со планот. Ова е еден од клучните услови што Вашингтон сака да го вклучи во мировните преговори меѓу Москва и Киев, наведува „Блумберг“, пренесува Индекс.
Ова барање е дел од поширокиот мировен предлог на САД кој вклучува:
– замрзнување на сегашните линии на фронтот,
– де факто признавање на руската контрола над Крим и делови од источна Украина,
– исклучување на Украина од членството во НАТО,
– укинување на американските санкции против Русија,
– безбедносни гаранции за Украина од европските земји, но не и од САД
– враќање на дел од територијата во регионот Харков во Украина,
– американско управување со нуклеарната централа Запорожје
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го отфрли овој предлог, наведувајќи дека признавањето на рускиот суверенитет над Крим би било спротивно на украинскиот устав и територијалниот интегритет. Украинските власти, исто така, изразија загриженост дека планот ќе ѝ обезбеди на Русија јасни придобивки, додека Украина ќе и остави само нејасни безбедносни гаранции.