Близначињата во прилепско починале од премрзнување

44

Близначињата новороденчиња што починаа вчера во Прилепско биле премрзнати, се вели во соопштението од прилепската Oпшта болница со проширена дејност „Борка Талески“. Според нив, вчера во 10:45 часот на Одделот за детски болести било донесено женското новороденче кое како резултат на премрзнување било во тешка здравствена состојба. Откако било примено, се додава во соопштението, веднаш била преземена интензивна медицинска интервенција. Бебето било реанимирано и интубирано, поставено во топли ќебиња, а и дополнително се затоплувало. Но, и покрај тоа, додаваат од болницата, состојбата на бебето продолжила да се влошува, а во 13 часот била констатирана смртта.

За машкото новороденче, од прилепската болница велат дека од истите причини – премрзнување, било починато во домот на семејството.

Близначињата, родени спонтано на 30 декември 2024 година во 34-та гестациска недела, биле недоносени. Првото новороденче, машко, било со родилна тежина од 1.970 грама, а второто, женско, тежело 1.780 грама. Според болницата, децата биле испишани од медицинската установа на 10 јануари на барање и со потпис на мајката, родена во 2001 година, за која ова била четврта бременост.

 

Трагедија во Прилепско, починаа новороденчиња-близначиња

Јавниот обвинител Стевчо Биноски од Основното јавно обвинителство во Прилеп потврди дека е издадена наредба за обдукција на двете новороденчиња за да се утврдат точните околности и причините за нивната смрт.

Оваа трагедија ја потресе јавноста, а надлежните институции продолжуваат со истрагата за да се расветли случајот и да се утврди дали има пропусти во грижата за новороденчињата.

ИЗДВОЕНИ