Блискиот исток пред тотална војна: Израел против Хезболах, Хамас и Хутите

266
EPA-EFE/HAITHAM IMAD

Народниот фронт за ослободување на Палестина (ПФЛП), милитантна група која се бори против Израел, соопшти дека три високи личности биле убиени во нападот во Бејрут, а на првата снимка од местото на настанот се гледаат два ката од станбена зграда целосно кренати во воздух. Во израелските напади во Либан беше убиен и локалниот лидер на Хамас.

Звуците на експлозии можеа да се слушнат низ градот, а две тела, најверојатно исфрлени од силата на експлозијата, беа забележани како лежат врз автомобилите паркирани на улицата. Израелската армија веднаш не ги коментираше овие настани.

Нападот со беспилотно летало во Бејрут, според еден извор на кој се повикува агенцијата Франс прес, удрил во близина на раскрсницата Кола, популарна референтна точка во градот каде што се собираат такси и автобуси за да земат патници.

Израел ги ограничи своите напади врз либанската престолнина на неговите јужни предградија. Израелски беспилотни летала лебдеа над Бејрут во поголемиот дел од неделата додека силните експлозии одекнуваа низ градот.

Воздушниот напад од понеделникот дојде откако либанското Министерство за здравство соопшти дека во неделата во израелските напади ширум земјата загинале 105 луѓе, а други 359 се повредени. Повеќе од 1.000 Либанци се убиени и 6.000 ранети во последните две недели, се вели во соопштението, без да се прецизира колку се цивили. Владата рече дека милион луѓе – една петтина од населението – ги напуштиле своите домови.

Израел во неделата изврши бран воздушни напади врз цели на Хутите во Јемен, поттикнувајќи ги стравувањата од разурнувачки регионален конфликт што ќе се прошири на повеќе фронтови.

Десетици израелски авиони учествуваа во нападот на пристаништето Ходеида во Јемен. Целите се чини дека биле постројки за гориво, електрани и доковите во пристаништата Рас Иса и Ходеида. Ова беше една од најголемите воени операции во речиси едногодишната криза во регионот.

Локалните медиуми објавија дека четири лица загинале, а 33 се ранети во нападите.

Израелските воени претставници рекоа дека цел на нападот биле Хутите, кои со месеци гаѓале врз израелски цели поради, како што тврдат, солидарноста со Палестинците во Газа. Хутите гаѓаа и меѓународни бродови во Црвеното Море. Во саботата, беше извршен напад со балистички проектили врз главниот меѓународен аеродром во Израел во моментот кога слета израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.