Благодарницата од Црвен Крст не е само признание,  туку мотивација за уште повеќе хумани дела!

11

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес доби благодарница од Црвениот крст на Република Македонија, на настанот кој се одвиваше во Домот на култура „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода, по повод 80 години постоење на оваа хуманитарна организација.

Настанот на кој присуствуваше Претседателот на Црвениот крст на Република Македонија, проф. д-р Ромел Велев, беше проследен и со присуство на претставници од Црвениот крст, волонтери, хумани граѓани, како и градоначалниците на општините Аеродром, Студеничани и Сопиште – Дејан Митевски, Азем Садики и Стефче Трпковски, кои исто така добија благодарници.

Во своето обраќање, градоначалникот на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС ја истакна големата улога на Црвениот крст како симбол на надеж и несебично давање:

-Осум децении Црвениот крст во нашата земја е прв на терен, прв со подадена рака во најтешките мигови – за време на природни катастрофи, социјални и здравствени кризи. Вашата пожртвуваност е инспирација за сите нас-потенцираше Ѓорѓиевски.

Тој ја нагласи долгогодишната и плодна соработка на Општина Кисела Вода со Црвениот крст, посочувајќи неколку значајни заеднички проекти:

-Заедно организиравме бројни хуманитарни акции, поддржавме семејства во социјален ризик, охрабривме стотици крводарители и спроведовме едукативни програми. Проектите како „Итно копче”, „Грижа и нега за стари лица” и „Бесплатен транспорт за повозрасни и немоќни лица” се доказ дека ова партнерство не е само формално, туку е суштински дел од нашата заедничка мисија-истакна градоначалникот Ѓорѓиевски, кој примајќи ја благодарницата, изрази искрена чест и посветеност за продолжување на соработката.

-Ја примам оваа благодарница не само како признание, туку и како обврска – да продолжиме со уште поголема енергија во градењето на заедница во која никој нема да биде заборавен. Кисела Вода ќе остане ваш партнер во доброто!-изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.

Настанот заврши со порака на единство, хуманост и посветеност кон создавање подобро општество, додека присутните волонтери и претставници на Црвениот крст ја потврдија својата заложба за континуирана помош и поддршка на оние на кои им е најпотребно.

 

 

ИЗДВОЕНИ