Министерката за финансии, Гордана Димитриевска-Кочовска, на средбата во Сојузот на стопански комори посочи дека првите кредити се веќе одобрени и дека се поднесени и барања до Развојната банка за префрлање на средствата, така што парите овој месец ќе легнат на сметките на компаниите. Таа повтори дека компаниите што ќе инвестираат во опрема и производство, имаат предност кај банките. – Бизнисот треба да биде слободен и да инвестира, да има поволно деловно опкружување – напомена министерката
Првата транша од унгарскиот заем наскоро ќе се исплати до компаниите. Министерката за финансии, Гордана Димитриевска-Кочовска, на средбата во Сојузот на стопански комори посочи дека првите кредити се веќе одобрени и дека се поднесени и барања до Развојната банка за префрлање на средствата, така што парите овој месец ќе легнат на сметките на компаниите. Таа повтори дека компаниите што ќе инвестираат во опрема и производство, имаат предност кај банките.
– Почнуваме серија разговори со бизнис-заедницата. Целта е, преку овие состаноци, да споделиме информации за пласманот на средствата од унгарскиот заем наменет за компаниите и да решиме евентуално дилеми што се јавуваат во тој процес – рече Димитриевска-Кочоска.
Таа беше децидна дека Владата не планира промени на даночните стапки за да нема нарушување во приватниот сектор.
– Бизнисот треба да биде слободен и да инвестира, да има поволно деловно опкружување – напомена министерката.
Од Сојузот на стопански комори оценија дека унгарскиот кредит е еден од најповолните и претставува скромна, но голема поддршка за фирмите. Претседателот на ССК, Трајан Ангелоски, истакна дека договориле со министерката бизнисот да подготви листа со царински стапки за нивно хармонизирање со европските.
– Побаравме даночните процедури да се поедностават, а за царинските стапки што мора да ги хармонизираме, наидовме на големо разбирање – истакна Ангелоски.
Од Комората го повториле ставот дека данокот за солидарност бил неоправдано воведен и ѝ било укажано на министерката дека треба да се вратат средствата од оние што се земени, со одреден надоместок.
Во овој процес се вклучени сите банки во земјава, преку кои фирмите аплицираат за поволни кредити со каматна стапка од 1,95 отсто, со рок на враќање до 15 години, во кој е вклучен и грејс-период од три години и без дополнителни трошоци за одобрување, управување или предвремено враќање на средствата, освен што е задолжително учеството со минимум 20 проценти од вредноста на инвестицијата. Максималниот износ на кредитот ќе биде до 10 милиони евра во денарска противвредност.
Парите ќе бидат достапни веднаш штом ќе го потпишат банките договорот со Развојната банка и нема да има ограничување на рокот до кога ќе може да се користат, освен оние 15 години што се предвидени за враќање на кредитот. Доколку се вратат парите од овој кредит кон банките пред овој период, банките повторно ќе може да ги пласираат, под истите услови.