Ќе се менува Законот за странци што ќе им даде одврзани раце на „Бехтел и Енка“ да ангажираат и поранешни осуденици да работат на изградба на автопатиштата. Со измените ќе му се олеснат критериумите што треба да ги исполни странецот за да добие привремен престој во државава, односно ако во последните 12 месеци не добил казна во својата земја, ќе може да добие работна виза во Македонија. Олеснети услови за привремен престој во земјава добива и член на потесното семејство на странецот кој добил работна виза, како и членови на потесното семејство на покровителот. Претседателот на Синдикатот за СГИП, Иван Пешевски за весникот ВЕЧЕР негативно ги оценува измените. Вели дека лошата работа со овие измени е владејачката ВМРО-ДПМНЕ која додека беше во опозиција имаше многу замерки за тоа што им се удоволува на странскиот изведувач во земјава за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридор 10-д, а сега се прави токму тоа со измените на Законот за странци
Ќе се менува Законот за странци што ќе им даде одврзани раце на „Бехтел и Енка“ да ангажираат и поранешни осуденици да работат на изградба на автопатиштата. Законот е веќе ставен на националната платформа ЕНЕР и ќе може да се даваат забелешки на она што е предвидено со законските измени со цел да се олесни ангажирањето на странски работници на изградбата на Коридорот 8 и Коридорот 10-д.
Во краткиот опис зошто се менува законот се наведува дека се констатирани неусогласености на постапката за поднесување и одобрување на привремен престој заради работа, содржана во Законот за странците и обврските преземени согласно одредбите од Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридор 10 д во РСМ во делот на ангажирање, односно вработување на лица-странци како работна сила.
Понатаму се наведува дека законот се менува и поради сложеноста и обемноста на документацијата која е потребна во постапката за поднесување и одобрување на привремен престој заради работа, согласно одредбите од Законот за странците, изготвен е предлог-текст за измени и дополнувања на Законот за странците.
Со измените на Законот на странци се предлага работникот од странство „да е неосудуван и да не се води кривична постапка против него во државата во која престојувал во годината пред поднесување на барањето за привремен престој, во зависност од документите што ги издава државата“. Одредбите во постојниот Закон за странци предвидуваат дека странскиот работник може да добие работна дозвола во Македонија „ако е неосудуван во државата, чиј државјанин е или во државата во која престојува на затворска казна подолга од шест месеци и да не се води кривична постапка против него“. Тоа значи дека со измените ќе му се олеснат критериумите што треба да ги исполни странецот за да добие привремен престој во државава, односно ако во последните 12 месеци не добил казна во својата земја, ќе може да добие работна виза во Македонија.
Олеснети услови за привремен престој во земјава добива и член на потесното семејство на странецот кој добил работна виза, како и членови на потесното семејство на покровителот.
Исто така, олеснети се условите за продолжување на привремениот престој на работникот од странство.
– На барање на странецот што се поднесува не порано од 90 дена пред истекот на привремениот престој или најдоцна пет дена пред истекот на привремениот престој, привремениот престој се продолжува, при што секое продолжување не може да биде подолго од една година – се потенцира во измените на законот.
Се предвидува МВР да биде органот кој ќе ја разгледува документацијата на странскиот работник и го добива правото да ја одбие ако е некомплетна. Досега се бараше мислење од Агенцијата за вработување дали да се одобри привремениот престој на странецот, а со измените се предвидува на странците кои ќе работат за „Бехтел и Енка“ да им се одобрува престој независно од моменталните потреби на пазарот на трудот.
Од Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање, кој ги обединува и се грижи за правата на градежните работници, велат дека не биле консултирани за предложените измени во Законот за странците. Претседателот на СГИП, Иван Пешевски, за весникот ВЕЧЕР негативно ги оценува измените. Вели дека лошата работа со овие измени е владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која додека беше во опозиција имаше многу замерки за тоа што им се удоволува на странскиот изведувач во земјава за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридор 10-д, а сега се прави токму тоа со измените на Законот за странци.
– СГИП е против вакви измени. Власта требаше да се покаже волја да ги смени законите што ги донесе претходната влада за потребите на „Бехтел и Енка“, а кои се штетни за работниците, а не пак сега да ги олеснува условите за увоз на странци кои ќе работат кај работодавачи како робови. Таков пример имаме кај фирма во која работат работници од Турција на објект во скопски Аеродром. Работниците кои се со привремен престој се пожалија дека не примиле плата и не им се платени придонеси повеќе месеци – вели Пешевски.
Тој смета дека место менување на закон и олеснување на условите за привремен престој на странци, државата да им овозможи повеќе работа на домашните градежни компании и поголеми плати на домашните работници кои, според него, подобро работат од странските, кои пак, се експлоатирани и работат многу повеќе часови на стратешките проекти.
Американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ веќе работи на автопатите кон Кичево, Струга и Битола. Годишната дозволена квота за странски вработувања во Македонија изнесува до 7 илјади и во земјава најмногу работници доаѓаат од Турција, Косово, Србија, Албанија, Индија, Грција, Бугарија, Непал, Украина и Русија.
(С.Бл.)