Делегација од Општина Битола, предводена од градоначалникот Тони Коњановски, викендов присуствуваше на отворањето на 56. издание на празникот на мимозите во збратимениот град на Битола, Херцег Нови.

Во текот на посетата на оваа популарна туристичко-забавна манифестација, на која присуствуваа и голем број битолчани, Коњановски оствари повеќе протоколарни средби на кои се разговараше за долгогодишната соработка меѓу Битола и Херцег Нови, како и за можностите за понатамошно зајакнување и унапредување, пред сè на културната соработка.

На отворањето на празникот на мимозите во Херцег Нови, присуствуваа и голем број претставници на дипломатскиот кор и други гости од збратимените градови на градот домаќин. Во интервју за Радио-телевизија Црна Гора, Коњановски нагласи дека Битола и Херцег Нови имаат официјална соработка од 1976 година, која беше обновена во 2019 година и дека во последните години таа сè повеќе се интензивира со реализација на повеќе настани и активности на кои не присуствуваат само официјални делегации туку и граѓани од двата града.

– Голема е одговорноста да се пренесе и да се зачува традицијата. Прекрасно е чувството кога доаѓаме овде, каде што нè пречекуваат толку многу луѓе со насмевки – изјави првата мажоретка на Градската музика на Херцег Нови, Тара Рашковиќ, во текот на отворањето на оваа манифестација.

Бербата на мимози, маскенбалот, карневалот, забавните и спортските настани се оние што ги организира Општина Херцег Нови со цел да го задржи вниманието на секој посетител.

ИЗДВОЕНИ