Битолскиот планинар Јоце Смилевски го искачи врвот Island Peak (на 6.189 метри надморска височина) на Хималаите.
Island Peak или во превод Островски Врв е планина во Националниот парк „Сагарматха“ во источен Непал. Врвот го доби името Островски Врв во 1953 година, од членовите на британската експедиција за Еверест, бидејќи изгледа како остров во море од мраз кога се гледа од Дингбоче.
Јоце е вистински вљубеник во планината, целиот свој живот е спортски активен и во низата успеси има запишано голем број искачени врвови и освоени медали на планинските трки.
Вредно е да се спомене дека Јоце и во седмата деценија од својот живот е во одлична форма, па ваквиот подвиг го заокружи успешно и со леснотија, рамо до рамо со другите членови на експедицијата. Инспиративни се неговите посветеност, упорност и ентузијазам и претставува позитивен пример за младите генерации.