Битка за Беласица: Марковски тврди лежиштата се изгорени, Гаревски возвраќа, железото не гори!

341

-Повторно се изнесуваат тврдења за наводна несигурност на мостот, иако пробното товарење е најригорозниот метод со кој дефинитивно се докажува сигурноста на конструкцијата  – потенцира  директорот на Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени, Михаил Гаревски, кој ги вршеше испитувањата на мостот по неговото опожарување.

Тој објаснува дека при товарењето, на мостот, извршено на крајот на април минатата година, биле поставени шест шлепери со вкупна тежина од 260 тона, со различни комбинации на поставеност и го повика деканот на Градежниот факултет, Горан Марковски, да организира прес-конференција и детално да објасни како тоа изгореле лежиштата на мостот „Беласица“

 

Темата колку е безбеден мостот „Беласица“, повторно станува актуелна. Откако пред речиси две години беше опожарен поради што настрада електричната инсталација, речиси половина година беше целосно затворен за сообраќај што правеше дополнителен сообраќаен метеж во Градот. Во септември 2023 година беше пуштена за сообраќај по една лента во двата правци, но само на лесни возила. Но, откако пред една година беше целосно пуштен во употреба, имаше сомнежи за неговата статичка издржливост.

Од една страна, експерти сметаа дека контролата треба да ја вршат овластени институции, а не приватни компании, но Град Скопје сепак одлучи за втората варијанта. Но, откако беше пуштен во употреба, значително се намали метежот по улиците на метрополата, сепак дилемите за безбедноста останаа да лебдат во воздух.

Неодамна, по катастрофата во Кочани, деканот на Градежниот факултет Горан Марковски, во телевизиско интервју, повторно ја отвори темата и го даде своето стручно мислење дека мостот „Беласица“ не е безбеден. Покажувајќи фотографии од лежиштата на мостот, тој тврдеше дека тие се изгорени и се во неисправна состојба, нагласувајќи дека во експертизата, којашто ја правеше Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени, на Миахил Гаревски, било напишано дека се исправни.

На тоа веднаш реагираше Гаревски. Тој на Фејсбук потенцираше дека во неговите експертизи и ревизии никогаш не дава двосмислени или нејасни заклучоци.

– И тогаш и сега тврдам и стојам зад тоа дека лежиштата на мостот „Беласица“ не се изгорени и дека се целосно исправни (железото не гори, а нешто друго гори?) – напиша Гаревски.

Тој додаде дека иако очекувал дека по успешно спроведеното пробно товарење на мостот „Беласица“, кое беше направено на крајот на април минатата година, ќе престанат непотребните вознемирувања на граѓаните, како што наведе неговиот помлад колега, деканот на Градежниот факултет, проф. д-р Горан Марковски, повторно ја отворил истата тема, создавајќи како што напиша без потреба загриженост кај јавноста.

-Повторно се изнесуваат тврдења за наводна несигурност на мостот, иако пробното товарење е најригорозниот метод со која дефинитивно се докажува сигурноста на конструкцијата  – потенцира Гаревски.

Тој објаснува дека при товарењето, на мостот биле поставени шест шлепери со вкупна тежина од 260 тона, со различни комбинации на поставеност.

-Ако професорот Марковски сепак смета дека овие шест камиони не биле доволни, „би можеле без никаков проблем да додадеме уште неколку” – дециден е Гаревески.

Тој јавно го повикува деканот Марковски, како и порано да организира прес-конференција и детално да објасни како тоа изгореле лежиштата на мостот „Беласица“.

(А.П.)

ИЗДВОЕНИ