Битка со проценти – дали Македонија ќе го достигне најавениот економски раст?

Наспроти умерените прогнози на меѓународните финансиски институции, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изрази уверување дека економијата во 2025 година ќе порасне над четири отсто. Тој ја темели оваа проекција на зголемените капитални инвестиции. Од друга страна, Меѓународниот монетарен фонд очекува раст на македонскиот БДП од 3,2 отсто за 2025 година, а Светската банка дури и пониски 2,6 отсто, што би било најниско во регионот. Лидерот  на опозициската СДСМ, Венко Филипче, ја критикува економската политика на Владата, посочувајќи на растечките цени, стагнацијата на платите и се потешкиот животен стандард на граѓаните

45

Македонската економија меѓу оптимистичките најави на Владата и песимистичките прогнози на меѓународните институции и опозицијата. Дали ќе се реализира најавениот раст или ќе се потврдат предупредувањата за стагнација, ќе зависи од тоа колку успешно ќе се реализираат капиталните инвестиции, како и од способноста на Владата да одговори на инфлациските притисоци и да го подобри животниот стандард на граѓаните. Очекувањата се големи, но предизвиците остануваат сериозни. Додека власта најавува значителен раст и нови инвестиции, опозицијата предупредува на стагнација и најнизок економски раст во регионот.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во интервју за националната телевизија изрази уверување дека економијата во 2025 година ќе порасне над четири отсто. Тој ја темели оваа проекција на зголемените капитални инвестиции, кои, според него, ќе придонесат за повисок бруто-домашен производ.

 -Јас очекувам над четири отсто годинава, но еве ќе се видиме на почеток на следна година и ќе зборуваме. Очекувам дека ќе сме над четири проценти, порача Николоски.

Сепак, меѓународните финансиски институции се далеку поумерени во своите прогнози. Меѓународниот монетарен фонд очекува раст на македонскиот БДП од 3,2 отсто за 2025 година, а Светската банка дури и пониски 2,6 отсто, што би било најниско во регионот. За споредба, Србија и Албанија се очекува да имаат повисок раст, додека Македонија, според овие прогнози, ќе остане на дното во однос на економскиот раст во регионот.

Опозициската СДСМ, преку својот претседател Венко Филипче, ја критикува економската политика на Владата, посочувајќи на растечките цени, стагнацијата на платите и сè потешкиот животен стандард на граѓаните. Филипче истакна дека СДСМ со месеци предлага мерки за поттикнување на економијата и зголемување на платите, но, како што вели, Владата останува глува на нивните предлози.

-Македонија, за жал, оваа година ќе биде со најмал економски раст во регионот. Владата ветуваше дека ќе бидеме лидери, но очигледно ќе бидеме последни, изјави Филипче за време на посетата на Радовиш и средби со граѓаните.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, пак, претходно оцени дека владината проекција за раст од 3,7 отсто е реална. Таа смета дека земјата може да ја искористи европската економска криза за привлекување нови инвестиции, особено во услови кога работната сила во Македонија сè уште е поевтина од европската.

-Оваа криза, која дава голема неизвесност, ние како држава може многу да ја искористиме, во смисла на префрлање на капацитетите од европските земји. Односно капацитетите во европските земји ќе се затвораат и понатаму, затоа што царините значат повисоки набавни цени и на тој начин европскиот пазар ќе бара алтернативи за отворање капацитети онаму каде што ќе имаат на некој начин поевтина работна сила. Иако во земјава веќе не е евтина работната сила, сепак е на пониско ниво од европската. Оттука мислам дека проекцијата од 3,7 % е реална проекција, изјави Димитриеска-Кочоска.

Дел од познавачите сметаат дека инфлацијата останува клучен економски предизвик. Иако во март оваа година, таа е намалена на месечно ниво за 1,3% споредено со февруари, на годишно ниво, (март 2025 во однос на март 2024) таа изнесува 2,7%, што значи дека цените во просек се зголемиле за 2,7% за една година. Цените на храната и енергијата и натаму се нестабилни. (В.С.Н.)

ИЗДВОЕНИ