EPA-EFE/ALI HAIDER

Како гром од ведро небо пред почетокот на сезоната во Формула 1 одекна информацијата дека седумкратниот шампион Луис Хамилтон се сели во Ферари, што ги израдува фановите на оваа екипа, кои чекаат повеќе од деценија ипол да го видат својот омилен тим на врвот во ова натпреварување.

И додека сите веруваат дека тоа може да се случи токму следната година, каде што во својот тим ќе го имаат и најтрофејниот возач на денешницата, шефот на Ферари од 2019 до 2022 година, Матеа Биното, ја спушти топката.

  • Ферари мислам дека не направи најпаметен потег. Прво се фокусираше на други возачи, како на пример Шарл Леклер. Ако Леклер е талентот во тимот, мислам дека не треба фокусот да биде ставен на други возачи, одлучно одговори шефот на Заубер (Ауди) во интервју за „Кориере дела сера“, најавувајќи дека прва виолина во тимот треба да биде Моначанецот, а не трофејниот Британец.

Сепак, потоа додаде дека Хамилтон ја направил вистинската работа со потписот за италијанскиот тим.

  • Но, мислам дека ја направи вистинската работа што ја прифати понудата и се согласувам со неговата одлука, додаде Биното.

Од друга страна, директорот на Формула 1, Стефано Доменикали, шеф на Ферари од 2008 до 2014 година, се согласува со одлуката на Французинот Фредерик Васер да го доведе 39-годишниот Британец.

  • За фановите на Ферари ова е исклучителна ситуација бидејќи Луис е некој кој ќе може да освои сè. Секако, таму ќе мора да има меѓусебно почитување со Шарл Леклер. Правилата во тимот ќе мора да бидат јасни, а раководството да не се меша во нивната комуникација, потенцира Доменикали за „Газета дело спорт“.

На возачите им претстои викенд во Остин, каде што ќе се одржи трката за Големата награда на САД.