Од групата скопски велосипедисти „На точак“ реагираат на тоа дека низ Скопје има стотици нелегално или спорно легално поставени билборди. И не само во Скопје туку и во другите градови. Па прашуваат кога ќе дојде редот да се тргнат.
Притоа потенцираат дека билбордите, особено оние на еден столб, со огромни рекламни површини, не се соодветни за во населени места и претставуваат опасност за минувачите.
– Секое поминување под нив, особено при ветровито време, е ризик за животот и за здравјето – сметаат од „На точак“.
Додаваат дека зафаќаат јавен физички простор, дел од пешачки и од велосипедски патеки и зеленило, физичка пречка се и воедно го намалуваат просторот за движење.
– Визуелно пречат, го одвлекуваат вниманието при возење, со тоа ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот и крајно го нагрдуваат градот – велат од „На точак“.
Последен пат Град Скопје спроведе акција за ослободување на јавниот простор во време на короната, во 2020 година. Со оваа акција, од јавните површини во Скопје требаше да бидат отстранети 240 рекламни објекти – билборди и ситилајти.
Стануваше збор за 120 билборди и за 120 ситилајти што биле легално поставени, во најголем дел, на тротоари, пешачки површини, велосипедски патеки и на други јавни површини и на тој начин го ограничувале движењето на пешаците и на велосипедистите. Со тоа ја намалиле и безбедноста во целокупниот сообраќај. Со тоа, првата зона од централното градско подрачје целосно требаше да се ослободи од поставените рекламни објекти, но и да се намали нивниот број и во другите зони.
Ова е и едно од повеќегодишните барања на неколку иницијативи и здруженија што се занимаваат со унапредување на условите за велосипедски сообраќај.
(А. П.)