Навлегувањето на вештачката интелигенција ќе донесе многу промени, почнувајќи од тоа какви ќе бидат професиите, дали ќе се работи два или три дена во неделата. На прашањето дали сè уште ни се потребни луѓе, Гејтс одговори: „Не за повеќето работи“. Сепак, додаде, луѓето ќе одлучат која улога ќе ја задржат
Напредокот на вештачката интелигенција (ВИ) во следната деценија ќе значи дека луѓето нема да бидат потребни за повеќето работи, изјави милијардерот, филантроп и коосновач на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, гостувајќи во емисијата „Вечерашно шоу“ (The Tonight Show) со Џими Фалон на НБЦ.
Фалон побара од него да ги објасни добрите и лошите страни на ВИ на едноставен начин, a Гејтс рече дека во моментов сè уште се потпираме на човечки експерти, како врвни лекари и наставници, но како што станува технологијата за вештачка интелигенција понапредна и достапна, врвните медицински совети и квалитетната настава ќе бидат бесплатни и широко достапни.
– И со ВИ во наредната декада тие ќе станат бесплатни. Знаете, нешто вообичаено. Врвни медицински совети, врвно подучување – рече Гејтс и додаде дека така ќе се решат одредени проблеми, како што се недостигот од доктори или професионалци за ментално здравје.
Според Гејтс, навлегувањето на ВИ ќе донесе многу промени, почнувајќи од тоа какви ќе бидат професиите, дали ќе се работи два или три дена во неделата.
– Ми се допаѓа начинот на кој ВИ ќе ги придвижува иновациите, но мислам дека тоа е малку нејасно – рече тој и посочи дека луѓето со право се исплашени затоа што тоа е сосема нова територија.
На прашањето дали сè уште ни се потребни луѓе, Гејтс одговори: „Не за повеќето работи“. Сепак, додаде, луѓето ќе одлучат која улога ќе ја задржат. А, како нешто што ВИ нема да може да го замени го спомена бејзболот.
– Ние нема да сакаме да гледаме како играат компјутерите бејзбол. Значи, ќе има некои работи резервирани за нас – рече Гејтс.
Она што го прави оптимист во врска со ВИ е способноста таа да ја подобри медицината – од Алцхајмерова болест до парализа.
– Доаѓаат голем број многу добри работи – рече тој.
Потенцира дека добиваме бесплатна интелигенција, со потенцијал да ги подобри различните аспекти на човечкиот живот – од попрецизни медицински дијагнози до персонализирано образование и виртуелни асистенти. Тој мисли дека денес, кога би бил дете, веројатно би му бил дијагностициран аутизам.
Гејтс истакнува дека вештачката интелигенција ќе донесе револуционерни промени во медицината, образованието и во климатските иновации, но и дека нејзиниот брз развој може да биде застрашувачки, бидејќи не постои јасна граница за нејзиниот напредок.