Брзиот напредок на вештачката интелигенција (ВИ) го преобликува глобалниот пазар на трудот на начини што само што почнуваме да ги разбираме. Oд безброј професии, само три навистина ќе ја издржат револуцијата на вештачката интелигенција, прогнозира коосновачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс. Оваа перспектива ги поставува клучните прашања за нашата подготвеност за таква промена.
Гејтс, кој, инаку, е истакнат поборник за технолошки иновации, предвидува радикална трансформација на работната средина. Според него, само секторите енергетика, биологија и програмирање системи за вештачка интелигенција се подготвени да останат отпорни во услови на пораст на вештачката интелигенција.
– ВИ има потенцијал да го скрати нашето работно време, овозможувајќи ни да се фокусираме на покреативни и позначајни задачи – објаснува Гејтс. Оваа визија сугерира иднина во која автоматиката се справува со рутинските задачи, ослободувајќи ги луѓето да се вклучат во интелектуално стимулативни и улоги. Соочувајќи се со оваа нова реалност, Гејтс ја нагласува важноста на здобивањето програмски вештини и дигитална писменост.
– ВИ се развива со вртоглаво темпо, а оние што ќе ги совладаат овие вештини, ќе имаат подобри изгледи за работа – советува тој. Размислувајќи за сопствените искуства, Гејтс се сеќава како учењето да се кодира отвори врати за можности што претходно беа незамисливи.
Тој ги повикува родителите да ги охрабрат своите деца да го прифатат програмирањето уште од мали нозе, повлекувајќи паралели со начинот на кој Интернетот некогаш направи револуција во комуникацијата и во работата.
Споредбата меѓу вештачката интелигенција и интернет- револуцијата е соодветна. Исто како што Интернетот го трансформираше начинот на кој се поврзуваме и управуваме со бизнисите така и вештачката интелигенција е подготвена да го револуционизира секој сектор од економијата. Оваа промена бара проактивен пристап кон образованието и кон развојот на вештини за да се осигури дека работната сила може да се приспособи на променливите барања, пишува „Инвеститор“.
Покрај врз вработувањето, Гејтс е оптимист и за влијанието на вештачката интелигенција врз образованието.
– Во следните пет-десет години, софтверот напојуван со вештачка интелигенција ќе го револуционизира начинот на кој предаваме и учиме. Замислете персонализирани искуства за учење каде што образовните содржини се приспособени на уникатните потреби и стилови на учење на секој ученик, правејќи го образованието поефективно и попривлечно – посочува тој.
Сепак, подемот на вештачката интелигенција носи и важни етички и социјални прашања како, на пример, како да бидат рамномерно распределени придобивките од неа во општеството. Гејтс ја нагласува важноста на решавањето на овие предизвици за да се спречи проширување на јазот меѓу оние што можат да користат вештачка интелигенција и оние што не можат. Перспективата на Бил Гејтс служи како клучен потсетник за двојната природа на технолошкиот напредок. Додека вештачката интелигенција ветува дека ќе ги зголеми продуктивноста и иновативноста, таа, исто так,а бара промислен пристап кон трансформацијата на работната сила и етички разгледувања.
Се нагласува и важноста од балансирањето меѓу иновациите и општествената одговорност. Со инвестирањето во образованието и со негувањето култура на континуирано учење, можеме подобро да се опремиме за да напредуваме во свет воден од вештачката интелигенција. Разговорот за вештачката интелигенција и за иднината на работата допрва започнува.
Предвидувањата на Бил Гејтс нè повикуваат да размислиме како можеме да ја искористиме моќта на вештачката интелигенција додека ги ублажуваме нејзините ризици. Како што продолжува да се развива вештачката интелигенција така мора да се развиваат и нашите стратегии за образование, развој на работната сила и за етичко управување.