Бигорски ги кани верниците на манастирската слава за Рождеството на Свети Јован Претеча – Иванден

62

Бигорскиот манастир, традиционално, ќе ја одбележи втората манастирска слава, Рождеството на Свети Јован Претеча – Иванден и по тој повод Свештената бигорска обител, преку објава, ги поканува верниците на заедничка прослава.

– Утре, во Свештената бигорска обител ќе се отслужи сеноќно бдение, кое ќе започне во 20:30 часот и на кое молитвено ќе претстои старецот и игумен на Бигорската обител, Неговото преосвештенство, епископот Антаниски, г. Партениј. В недела изутрина, на 7 јули, во 8:45 часот, ќе започне архијерејската божествена литургија, со која ќе чиноначалствува старецот епископ, г. Партениј – информираат од Бигорскиот манастир.

Свети Јован Претеча, во денот на своето рождество, е особено благодатно присутен и, преку својата славна и чудотворна бигорска икона и чесните мошти што се пазат во неговиот храм, ги слуша и ги исполнува молитвите на оние што го повикуваат со љубов и со вера.

– Тоа е денот кога „најголемиот меѓу родените од жена“ ја излева својата од Бога добиена благодат врз сите што ревносно го чествуваат неговиот спомен – нагласуваат од манастирот.

Посочуваат дека и кога секој човек неизмерно се радува кога ќе биде посетен од своите драги пријатели на денот на својата свеченост, тогаш „колку ли, пак, повеќе светиите божји ги милуваат оние што ги чествуваат“.

– Молитвите на свети Јован Пророк, Претеча и Крстител, да бидат со сите нас – посакуваат од Бигорскиот манастир.

Традиционално, за празникот се очекува големо присуство на верници и гости од сите делови на државава.