Градоначалникот на Општина Кисела Вода и претседател на Заедницата на единиците на локалната самоуправа, Орце Ѓорѓиевски, во телевизиско гостување, прашан за можноста да биде следниот градоначалник на Скопје бидејќи кружи неговото име во јавноста, рече дека не ја исклучува можноста за тоа и оти би го прифатил тој предизвик.
– Ако одлучат мојата политичка партија и телата на партијата, но и граѓаните, од она што е евидентно, мислам дека имаме одлична реализација на проектите досега, а имам и сериозна поддршка од моите сограѓани. Би го прифатил тој предизвик, секако, и мислам дека би бил човек што би ги решил проблемите што ги има нашиот град – изјави Ѓорѓиевски.
Тој наведе дека во ЗЕЛС се составува тим од градоначалници и од правници, кој ќе изготви предлог законски измени и ќе ги достави до Министерството за локална самоуправа, кое би го предложило до законодавниот дом, со цел да се создаде механизам за отповикување градоначалник што не е во функција на граѓаните.
– Градоначалниците имаат голема моќ и, освен на избори, не можат да бидат променети. Таква е состојбата со градоначалничката на Скопје и со некои други. Факт е дека треба да има законски, контролен механизам, отчетност пред граѓаните и секој градоначалник, кога ќе стапи на функцијата, треба да биде свесен дека би можел предвреме да биде сменет – потенцираше Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека, исто така, се подготвуваат законски измени за одземање надлежности доколку одреден градоначалник не ја извршува својата работи за која е избран од граѓаните или доколку го загрозува колективниот интерес.