По многу мака, Португалија на пенали ја победи Словенија и се пласираше во четврт-финалето на Европското првенство во Германија. Во центарот на вниманието беше Кристијано Роналдо, кој промаши пенал во првото продолжение, поради што беше исмеан од угледниот Би-би-си.
Португалците беа апсолутни фаворити пред пресметката со Словенија, која многумина ја отпишаа. Сепак, Словенците одиграа неверојатна партија, над своите можности, го оставија срцето на терен, но, за жал, тоа не беше доволно да се приреди сензација од невидени размери.
Иако Словенците успеаја да се одбранат во 120-минутната игра и дури имаа и шанса за победа, на крајот Португалија успеа да се пласира во следната рунда, во пенал-рулет, на крилата на одличниот голман Диого Коста.
Кристијано Роналдо можеше да биде еден од трагичарите, бидејќи промаши неколку изгледни шанси во регуларниот дел од натпреварот, а во првото продолжение не реализираше и пенал, односно Јан Облак лесно го скроти неговиот удар.
Португалецот тешко го поднесе тоа, поради што на паузата меѓу двете продолженија плачеше, но успеа да се извлече.
Но, она што е особено интересно е што дури и угледниот Би-би-си реши да го исмејува Роналдо во текот на преносот, по промашениот пенал.
„Мистијано Пеналдо“, пишуваше во долниот агол на екранот, во текот на преносот на Би-би-си од натпреварот.
Even the BBC are making slander names for Ronaldo ffs pic.twitter.com/32WNl55LYf
— luke (@louorns) July 1, 2024
Секако, не требаше долго за тој детаљ да стане главна тема на социјалните мрежи. Но, обожавателите на Роналдо и навивачите на Португалија беа шокирани што една толку почитувана телевизија реши да исмејува еден од најдобрите играчи на сите времиња.
На крајот, Роналдо можеше со насмевка да го напушти теренот, покажа каква храброст има, бидејќи прв повторно ја однесе топката во пенал-рулетот. Тогаш ја затресе мрежата на Словенија, а тоа го направија и Бруно Фернандеш и Бернардо Силва, што беше доволно за победа на Португалија со оглед на тоа што Словенците промашија дури три пенали, односно Коста им ги одбрани.
Португалија сега ја чекаат вистински тест и големо дерби во четврт-финалето, бидејќи ќе игра против Франција, која минимално, со 1:0, ја победи Белгија.
Натпреварот меѓу Португалија и Белгија се игра в петок, со почеток во 21:00 часот, во Хамбург.