„Отидов на пазарот за птици и купив птица, за тебе љубов моја,
отидов на пазарот за цвеќиња и купив цвеќе, за тебе љубов моја,
Отидов на пазарот за железо и купив окови, за тебе љубов моја,
Отидов на пазарот за робови и те барав тебе но, не те најдов таму, љубов моја“.
Со овие безвременски стихови на Жак Превер, во пресрет на Денот на жената 8 Март, во салата на хотелот „Аполонија“ во Гевгелија, започна 27. издание на поетско-музичката вечер „За тебе љубов моја“.
Во преполнетата сала на хотел „Аполонија“, се рецитираше и пееше за жената како вечна инспирација на уметноста.
Овогодишни учесници на традиционалната манифестација беа Силвестер и Матеа Проле, Слободанка Арнаудова, Даниела Џишева и Тони Аврамов, Ања Поп-Костова, Петар Јанчев, Катица Џишева Дупарова, Светлана Стојковиќ и Каме Ќаев, Анастасија Зафирова, Бисерка Макревска, Розита Андонова, Зоки Кундурџиев, Ангела Зафирова, Лабрина Лазаровска, Стефчо Стефанов и Елена Поп-Костова.
Професорот Тони Аврамов, еден од организаторите на манифестацијата за весникот ВЕЧЕР, изјави дека и со годинешниов собир се докажа дека Гевгелија живее за и со уметноста.
-Гевгелиската публика по 27. пат докажа дека е гладна за убав збор и жедна за нежни ноти. Ако животот е поезија, несомнено поезијата е живот. Од далечната 1993 година па до денес, преку стихови и ноти го славиме Денот на жената. Постоиме толку години благодарение на верната публика која несебично секогаш нè поддржува и нè мотивира од година во година да бидеме подобри, но и посилни во организирањето на манифестацијата. Функционираме како едно семејство – секој различен со својот настап, а сепак дел од една заедничка композицијата именувана „За тебе љубов моја“. Ми се чини дека сме единствени во земјава кои на ваков начин го одбележуваат Денот на жената – нè има професори, психолози, лекари, ученици, правници, кореографи, актери, музичари… “
Специјален гостин на вечерта беше познатиот македонски артист и шоумен Игор Џамбазов, кој, откако им се заблагодари на организаторите, во свој стил кажа: „Благодарам што ме поканивте на ова извонредно место, ова е една малечка оаза во оваа земја на изместени вредности. Јас ќе ви прочитам убава поезија од еден „млад“ поет од Дојран, Игор Џамбазов“, се пошегува Игор, кој рецитираше три негови песни за три негови големи љубови во животот, од кои за жал, едната не е повеќе меѓу живите.
Инаку, организатори на овaa манифестација, која пред три децении ја иницираа Слободанка Дуева и Ице Мурџев, апрофесорите по македонски јазик и литература, Даниела Џишева и Тони Аврамов, кои за реализацијата на годинашната „За тебе љубов моја“, преку Здружението на граѓани „Од станица до граница“ добија финансиска поддршка од Општина Гевгелија во рамки на Програмата за култура за 2025 година.
(Љ.А.)