Бездомници ќе се носат на екскурзии, во цркви или џамии

27

Посета на манастири, водопади, културни знаменитости… цркви, односно џамии ќе бидат дел од психосоцијалните и културните активностите на Црвениот крст на град Скопје, што ќе се реализираат во Пунктот за бездомници, со цел овие граѓани на Скопје да се социјализираат и адаптираат во општеството.

Ова е само дел од зголемениот број нови услуги што во текот на 2025/2026 година на бездомниците ќе им ги нуди Црвениот крст на град Скопје. Оттаму потенцираат дека со нив им се отвораат нови перспективи дека има нешто повеќе од секојдневие поминато на улица

 

Посета на манастири, водопади, културни знаменитости… цркви, односно џамии ќе бидат дел од психосоцијалните и културните активностите на Црвениот крст на град Скопје што ќе се реализираат во Пунктот за бездомници, со цел овие граѓани на Скопје да се социјализираат и адаптираат во општеството.

Ова е само дел од зголемениот број нови услуги што во текот на 2025/2026 година на бездомниците ќе им ги нуди Црвениот крст на град Скопје. Оттаму потенцираат дека со нив им се отвораат нови перспективи дека има нешто повеќе од секојдневие поминато на улица.

– Посетата на манастир/џамија или друг верски објект го поддржува чувството на надеж, а надежта е еден од принципите на психосоцијалната поддршка – сметаат од Црвениот крст на град Скопје.

Постојните услуги на Пунктот за бездомници на Црвениот крст на град Скопје ќе се унапредуваат и во насока на зголемување на вработеноста на бездомниците преку организирање на различни обуки и работилници за бездомни лица, работилници за пишување мотивациско писмо и професионална биографија, обуки за самопромоција и комуникација на работното место, како и обуки за градење меки вештини кои ќе ги направат поконкурентни на пазарот на трудот. Воедно, ќе се воведат и културни посредници на бездомниците.

Притоа, медијаторите ќе им помагаат во поврзување на овие лица со институциите, помош и поддршка при вадење лична документација, поддршка во пишување CV, помош при остварување на правата од системот на социјална заштита, поддршка во остварување на образовните потреби, како и следење на оперативниот план на активни мерки за вработување.

Потоа, една од активностите ќе биде и реновирање и адаптација на објекти за домување на луѓе кои живеат во сиромаштија.

– Врз основа на проценка на потребите и ранливоста на бездомните лица од страна на социјален работник, Црвениот крст ќе обезбеди поддршка на лицата со најголем социјален ризик за: социјално реновирање (за семејства во социјален ризик или лица на работ на бездомништво-потенцијални бездомници). Социјалното реновирање ќе овозможи решавање на долгогодишните проблеми поврзани со домот или живеалиштето. Целта на оваа активност е да се подобрат/помогнат домовите на семејствата во социјален ризик – потенцираат од Црвениот крст на град Скопје.

Дел од активностите ќе бидат и редовните здравствени прегледи, сеопфатни лекарски прегледи (гинеколошки, кардиолошки, дерматовенеролошки, психијатриски, пулмолошки и гастроентерохепатолошки), како и опфат на теми како што се: хигиена, репродуктивно здравје, СПБ, контрацепција, абортус, планирање на семејството, родово насилство и услуги за упатување. Меѓу другото, предвиден е простор наменет за деца во социјален ризик каде што ќе се одржуваат креативни работилници.

Според податоците на Црвениот крст на град Скопје, Пунктот за бездомници во Момин Поток, во текот на 2023 година го посетиле 170 бездомни лица, односно реализирани се 8.155 посети од страна на бездомниците.

Бездомните лица во пунктот добиваат услуги од фризер/бербер, преглед и совети од доктор, лекови, топол оброк и напивки, стручно-советодавен разговор со социјален работник и психолог. Во текот на зимскиот период и при топлотниот бран, минатата година биле реализирани 50 ноќевања од страна на бездомните лица. Од страна на дежурните тимови, пак, кои се достапни 24 часа на терен, биле реализирани и низа интервенции.

Во текот на 2023 година, 100 приватни лица како и 15 долгогодишни донатори и поддржувачи на работењето на Пунктот реализирале донација на храна, облека, чевли, лекови, витамини, суплементи и средства за одржување на лична хигиена.

Пунктот за бездомници во Момин Поток е отворен во 2008 година, додека стационарниот дел – прифатилиштето е отворено во 2010 година и тоа по потреба функционира во текот на целата година.

(А.П.)