Расте бројот на корисници во Србија, Македонија и Албанија кои се поврзани со Договорот за „Електронска направа на патарина на Отворен Балкан“ и користат единствен ТАГ читач при поминување на наплатните станици во овие држави

Почнувајќи од Нови Сад на север до Гевгелија на југ може да се помине без застанување на патарините. Според податоците на ЈП „Путеви Србије“, од истиот период откако Србија се поврза со системите на Македонија и Албанија, бројот на продадени тагови стигна до 50 илјади.

Во Македонија од јули 2019 година, откако започна електронската наплата со МТАГ, досега се продадени околу 33 илјади тагови. Од ЈПДП велат дека процентот на корисници што плаќаат, користејќи ја електронската наплата, постојано расте и дека целта е во иднина комплетно да се премине на овој вид на наплата со што ќе се намали потребата од човечки фактор при наплата.

Поминувањето на патарините со ТАГ читач, наскоро, се очекува да се воведе и во Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Грција, откако сите овие земји ќе го завршат усогласувањето на националните системи за електронска наплата.