
Пол Сколс, легендарниот поранешен играч за врска на Манчестер Јунајтед, смета дека моменталната ситуација во клубот не нуди голем оптимизам. И покрај тоа што e убеден дека Јунајтед ќе остане во елитното друштво, Сколс предупредува дека следната сезона може да донесе големи проблеми доколку не се направат сериозни промени.
Клубот долго време се мачи со недостаток на рамнотежа во тимот, а Сколс тврди дека тоа може да доведе до сериозни последици.
„Има работи што се загрижувачки. Многу од она што Рубен Аморим треба да го направи, сите го знаеме тоа, но не сум сигурен дека можам да го видам јадрото на тимот“, рече Сколс во емисијата „The Overlap Fan Debate“.
Гледајќи го актуелниот состав, Сколс ги истакнува клучните позиции кои треба да ја сочинуваат основата на секој тим.
„Ливерпул има одличен голман, одлични стопери, квалитетни играчи од средниот ред и напаѓачи. Мислам дека Јунајтед го нема тоа на ниту една позиција“.
За Сколс најважно е „јадрото“ на тимот, а според него, Манчестер Јунајтед мора да доведе неколку клучни играчи за да ги пополни тие дупки, поточно спомнувајќи играч од средниот ред и напаѓач со силно присуство и квалитет.
„Откако ќе се изградат тие клучни позиции, тогаш можете да додадете други играчи, но тоа е основата“, објасни тој.
Сколс е загрижен за моменталната форма на тимот, за која верува дека е толку лоша што може да доведе до нешто што многумина не би го очекувале.
„Доколку не дојдат вистинските засилувања ова лето, ова може да звучи смешно, но со оглед на нивната моментална форма, тие би можеле да се борат за опстанок“, рече Сколс.
Неговиот коментар има тежина затоа што, како осумкратен шампион во Премиер лигата со Јунајтед, тој добро знае што е потребно за да се изгради успешен тим.
Тој ја спореди сегашната ситуација со минатите успеси, кога Јунајтед имаше јасен тим базиран на луѓе како Питер Шмајхел, Јап Стам, Рони Јонсен, Ники Бат, Дејвид Бекам, Двајт Јорк и Енди Кол.
Иако Манчестер Јунајтед потроши повеќе од 600 милиони фунти на трансфери за време на ерата на Ерик тен Хаг, Сколс верува дека клубот не направил значаен чекор кон градење на тим кој може да се спореди со оние од изминатите години.