Без национален закон, здравството е во регионална надлежност: Тоскана стана првиот италијански регион што ја легализираше евтаназијата

8

Тоскана го усвои Законот за право на смрт во вторникот, со што стана првиот регион во претежно католичка Италија што го регулира потпомогнатото самоубиство во земја без национален закон за контроверзната тема.

Во 2019 година, италијанскиот Уставен суд „де факто“ ја легализираше постапката и го повика парламентот да донесе закон што ќе обезбеди јасна правна рамка. Повикот остана без одговор бидејќи политичарите на национално ниво го избегнуваат ова прашање, пренесува Ројтерс.

Регионалниот закон во Тоскана, усвоен со 27 гласа „за“, 13 „против“, одредува како да се управуваат барањата за потпомогнато самоубиство, вклучително и барање медицинскиот одбор да ја разгледа апликацијата во рок од 30 дена.

Доколку се исполнети критериумите, регионалната здравствена служба мора да му ги обезбеди на поединецот потребните подготовки и здравствениот персонал во рок од десет дена, освен ако пациентот не сака постапката да ја изврши сопствен лекар.

Законот им дозволува на лекарите да одбијат да учествуваат од морални или етички причини, поради приговорот на совеста што постои во Италија на национално ниво за абортусот.

Пред да се усвои законот, конзервативната католичка организација „Про Вита Фамилија“ ја критикуваше Тоскана дека се претворила во „еден вид италијанска Швајцарија“, каде што, како што тврди, била воведена „државна смрт“ за да се ослободат од „болните, изнемоштените, старите и осамени луѓе“. Швајцарија дозволува потпомогнато самоубиство од доцните 1940-ти.

Здравството во Италија во голема мера е под надлежност на регионите, а Тоскана е управувана од левиот центар. На национално ниво, десничарската влада на премиерот Ѓорѓе Мелони силно се противи на евтаназијата.

За законот за правото на смрт, исто така, минатата година се расправаше во регионалното собрание на регионот Венето, предводено од десницата, а мерката беше само еден глас помалку од усвојување, со поделби и во десницата и во левицата.

Во 2019 година, Уставниот суд ја декриминализираше евтаназијата за пациентите со неизлечиви болести кои предизвикуваат „неподнослива“ болка, а кои изразиле желба да умрат.

ИЗДВОЕНИ