
Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, имаше кратка авантура на Мастерсот во Монте Карло, откако во второто коло и својот прв настап загуби од Алехандро Табило со 6:3, 6:4. Чилеанецот за час и половина го надигра српскиот ривал кој го анализира поразот и не го криеше незадоволството.
„Се надевав дека ова нема да се случи, ама постоеја големи шанси да одиграм вака. Ужасно е чувството да се одигра на ова ниво и им се извинувам на сите кои мораа да го гледаат ова. Немам објаснување. Не сум повреден, имав само мали проблеми. Целта е добар настап на Ролан Гарос. Очекував да одиграм неколку меча тука, а не да завршам на самиот почеток. Немав високи очекувања, ама налетав на силен ривал“, изјави Ѓоковиќ.
Алехандро Табило, пак вторпат во својата кариеара и во исто толку мечеви го победи Новак Ѓоковиќ.
„Се обидов да го искористам претходниот меч. Разговарав со тренерот и констатиравме дека знаеме како треба да одиграм. Победив еднаш и сега немав притисок, поради тоа бев поопуштен. Многу бев исплашен дека ќе бара одмазда за првиот меч. Знам колку е ментално цврст. Бев подготвен на тоа дека Ѓоковиќ ќе дојде за да ме убие! Започнав цврсто, се обидов да бидам агресивен и да го држам подалеку од основната линија. Тактиката почна да ми успева, направив да не се чувствува комфорно и тоа беше одлично во клучните моменти.“, кажа Чилеанецот.