
Грчкиот тенисер Стефанос Циципас откри дека неговиот пораз од Новак Ѓоковиќ во финалето на Ролан Гарос во 2021 година бил најтешкиот во неговата кариера.
Циципас водеше со 2:0 во сетови, беше на чекор од својата прва грен-слем титула, а потоа следеше чудесен пресврт на неуништливиот Србин. Новак се издигна како феникс од пепелта, освои три сета по ред и ја зграпчи својата 19. грен-слем титула.
По болниот пораз од Лоренцо Музети, во Монте Карло, Циципас потсети на пресметката со Новак.
Разочаран сум од мојот настап во Монте Карло, бидејќи почувствував дека можев да постигнам многу подобар резултат од четврт-финалето. Сигурно е тешко да се прифати ваква загуба, особено што ги имав сите причини да верувам дека ќе победам на тој меч. Тоа е веројатно еден од најтешките порази што сум ги доживеал во последните две до три години“, вели Циципас и додава:
„Би рекол дека ова е втор најтежок, веднаш по поразот од Ѓоковиќ на „Ролан Гарос“. Многу ме погоди и ме повреди. Се надевам дека нема да се повторат грешките што ги направив на тој натпревар, дека ќе научам нешто од овој пораз и дека ако се најдам во слична ситуација во следните недели од сезоната на земјена подлога, ќе знам подобро како да се справам со тешкотиите што ги имам сега“.