Сите 18-годишни Европејци родени меѓу 1 јули 2006 и 30 јули 2007 година имаат право да добијат еден од 36.000 бесплатни железнички билети што, преку програмата „DiscoverEU“, ги доделува Европската Унија за да можат да ги запознаат соседните земји и нивните култури. Програмата е отворена за сите легални жители на ЕУ, како и за прекуокеанските територии, а важи и за младите од трети земји, преку програмата “Еразмус+“, која ги опфаќа и Македонија, Србија, Турција, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн.
Апликациите се отворени до 16 април 2025 година, а претходно секој апликант треба да даде одговори на пет прашања, плус едно дополнително. Прашањата се однесуваат за општи познавања за Европската Унија, како и прашања поврзани со намерата на патувањето, како што се: кога планирате да патувате, дали ова е прв пат да патувате сами без вашите родители, што сакате да научите од искуството и како ќе го финансирате вашето патување.
Бесплатните билети ќе бидат со вредност до 283 евра за втора или економска класа за патување со воз, а може да се зголеми оваа сума за оние што патуваат од оддалечени или прекуокеански региони. Во некои случаи, во цената може да бидат вклучени и билетите за автобус и за траект. Младите имаат опција да го искористат билетот и во својата држава и тој важи за едно поаѓање и враќање. Младите со попреченост или со здравствени проблеми ќе добијат специјална поддршка на патувањето.
Покрај билет, младите ќе добијат и едногодишна европска младинска картичка, со која ќе добијат во ЕУ-попусти за посета на културни настани, за учење, природа, спорт, локален транспорт, сместување, храна и друго.
Билетите ќе може да се искористат меѓу 1 јули 2025 година и 30 септември 2026 година. Во текот на патувањето, добитникот на бесплатниот билет треба да стане амбасадор на „DiscoverEU“, со што, преку социјалните мрежи, ќе известува за патувањето, за бројот на возови што ги користел и државите што ги посетил или, пак, да одржи презентација за ова во своето училиште.
По завршувањето на патувањето, младите ќе добијат сертификат за учество, кој ги истакнува компетенциите и вештините стекнати во текот на патувањето.