Бесплатно летување за најуспешните спортисти од Кисела Вода

18

Општина Кисела Вода и оваа година продолжува со успешната пракса на наградување на младите спортски таленти со бесплатно летување како дел од стратегијата за поддршка на спортот и здравиот начин на живот. Победниците во Лигата на училишен спорт, која опфаќа натпревари во кошарка, фудбал, одбојка и ракомет во машка и женска конкуренција, ќе имаат можност да летуваат во Извидничкиот центар во Охрид.

-Оваа мерка, која беше воведена минатата година, има за цел да ги мотивира младите активно да се вклучат во спортските активности, да го развиваат тимскиот дух и да градат здрави навики преку спортот – информираат од Општина Кисела Вода.

Градоначалникот, Орце Ѓорѓиевски истакна дека оваа иницијатива е дел од пошироката стратегија на Општина Кисела Вода за поттикнување на спортот меѓу младите.

-Спортот ги подобрува физичкото и менталното здравје на децата, но создава и другарства, дисциплина и тимски дух. Со обезбедување бесплатно летување за најдобрите во Лигата на училишен спорт, не само што ги наградуваме нивниот труд и посветеност, туку и дополнително ја поттикнуваме спортската култура во училиштата. Ова е дел од нашата стратегија за поддршка на младите и како општина ќе продолжиме со мерки што ќе овозможат уште поголема афирмација на спортот и негов развој во нашите училишта – изјави Ѓорѓиевски.

 

ИЗДВОЕНИ