Вкупно 197 пати е реализиран превоз откако во февруaри годинава почна проектот за бесплатен превоз до здравствените установи за сите полнолетни лица со попреченост од Општина Центар.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, информира дека со тоа значително им е олеснето секојдневието на семејствата што имаат членови со некаква попреченост.
Герасимовски го посети четириесет и деветгодишниот Роберт, лице со мултипла склероза и попреченост, за да види како се спроведува проектот во соработка со Црвениот крст на Град Скопје.
– Роберт е сопруг и татко на две прекрасни малолетни ќерки, кој дава сѐ од себе да ги истурка на вистинскиот пат. Роберт е лице со голема желба за посреќен живот. При средбата, се воодушевив од неговиот позитивен став кон животот – животна филозофија што сите ние мора да ја практикуваме, без разлика на состојбата во која се наоѓаме – истакна Герасимовски.
Тој наведе оти Роберт е задоволен од проектот за бесплатен превоз до здравствените установи за сите полнолетни лица со попреченост од Општина Центар.
Проектот предвидува превоз до здравствените установи со наменски возила за лицата над 18 години што користат ортопедско помагало (инвалидски колички, дубаци или одалки), а живеат на територијата на Општина Центар- Скопје, како и за лицата над 18 години што не користат ортопедско помагало, но поради болест се во лежечка состојба (неподвижни).
Граѓаните што имаат потреба од користење на оваа услуга, потребно е да закажат за превоз минимум 24 часа однапред, јавувајќи се на телефонскиот број 02/15330, во контакт-центарот на Црвениот крст, секој ден од понеделник до петок, од 06:00 до 00:00 часот. Со еден телефонски повик, може да се закаже превоз за еден корисник, до една конкретна дестинација.
Терминот за превоз се закажува по принципот „прв дојден – прв услужен”, а транспортот се врши од понеделник до петок, од 08:00 до 16:00 часот.