Бесплатни часови по пливање за деца од 7 до 12 години

74

За правилен и подобар психо-физички развој на најмладите, Општина Гевгелија објавува повик за пријавување на деца од 7 до 12 години, кои бесплатно ќе следат часови по пливање од страна на сертифициран спортски инструктор.

Часовите ќе започнат да се спроведуваат од утре во базенот „Коконат’, во Гевгелија, три пати во неделата.

Проектот предвидува најмладите да добијат соодветна обука и совладување на вештините за пливање, што има клучна улога во правилниот психо-физички развој и здравјето на децата.

-Преку вакви иницијативи, како локална самоуправа ставаме фокус на најмладите. Со менување на секојдневните навики се создаваат подобри услови за нивниот правилен развој – информираат од Општина Гевгелија.

Оттаму, нагласуваат дека поради преголем интерес во однос на јавниот повик за бесплатни часови по пливање, а поради неможноста за одговор на сите повикувачи, сите заинтересирани родители е потребно да ги донесат своите деца на информативна средба за запознавање со правилата и условите за часовите по пливање, утре во 8.30 часот. Дополнително, ќе биде ангажирано уште едно лице за спроведување на часовите по пливање, се со цел обезбедување на потребните услови.