Учениците од деветто одделение од сите основни училишта во Општина Аеродром имаат можност да извршат бесплатен скрининг на тироидната жлезда. Скринингот стартуваше во ООУ „Гоце Делчев“ во Горно Лисиче и ќе бидат прегледани сите деветтоодделенци по претходно добиена писмена согласност од родителите или старателите.
В.д. градоначалникот, Дејан Митески, посочи дека Аеродром е прва општина во која се спроведуваат вакви скрининзи што имаат превентивен карактер.
– Иницијативата ја даде директорот на здравствената установа „8-ми Септември“, проф. д-р Синиша Стојаноски, а родителите на учениците без двоумење ја прифатија оваа превентивна мерка. Доктор Стојаноски ги спроведува скрининзите во училиштата заедно со д-р Невена Маневска – рече Митески.
Во општина Аеродром се реализира проектот „Рециклирана иновација“ заедно со невладината ЗЕОООП, во рамките на „Clean AirDrom – нула цврст отпад во Општина Аеродром“. Проектот беше презентиран во ООУ „Александар Македонски“ при што можеше да се види како пластичниот отпад со помош на 3Д принтер може да се претвори во украси, играчки и други иновативни и практични елементи.
Презентацијата на проектот потоа премина во работилница на која учествуваа дечињата од Домот за деца без родителска грижа „11 Октомври“ кои со голема радост си моделираа прекрасни изработки и се уверија дека пластичните шишиња можат наместо отпад да добиваат друга димензија и практична намена.
– Во наредниот период ќе бидат реализирани низа активности чија главна цел е преку едукација да се подигне свеста кај учениците за значењето на рециклирањето кое директно влијае на квалитетот на животот и со кое значително се подобрува чистотата на животната средина – истакнаа од општина Аеродром.