Бесплатен превоз во Загреб: На улиците се вратија Фулир – омилените “градски џентлмени“

127

Од оваа недела до крајот на октомври, на граѓаните повторно им е достапен бесплатниот превоз со електрични возила, наречен Фулир, во рамките на пешачката зона во срцето на Загреб. Услугата е наменета за сите, особено за стари лица и лица со намалена подвижност.

Станува збор за мали електрични возила со капацитет од пет патници и возач, кои бесплатно ги превезуваат граѓаните во рамките на пешачката зона, известија од Град Загреб.

„Враќањето на Фулир во центарот на Загреб е дел од нашите напори да го направиме градот попристапен за секого, особено за најранливите групи. Минатата година Фулир превезе повеќе од 9.000 патници. Големиот интерес и позитивните реакции од граѓаните потврдуваат дека ова е вистинскиот потег и ние сме среќни што ќе продолжиме со оваа единствена услуга и оваа година“, рече градоначалникот Томислав Томашевиќ.

Возилата ќе сообраќаат секој ден од 8 до 20 часот, вклучувајќи ги викендите и празниците, освен во случај на лошо време.

Патниците можат да организираат возење со јавување на 091/1111 425 и 091/1111 426 или едноставно да му мавнат со рака на возачот кога ќе го видат во пешачката зона. Телефонските броеви се прикажани и на настрешниците на возилата.

ИЗДВОЕНИ