Продукцијата на минисеријата е заснована на книгата „Бескрајна ноќ: Нераскажаната приказна за ноќниот клуб Кис“ од 2018, напишана од наградуваната новинарка Даниела Арбекс според истражувањата кои ги вршела за трагедијата и за последиците. Таа добила сознанија за целиот настан од бројни разговори со преживеаните, нивните семејства, од луѓето директно инволвирани во целиот овој трагичен настан до кој довеле бројни претходни пропусти
„Сеќавањето нема да умре…“ се зборовите кои се слушаат од саундтракот на бразилската минисерија „Бескрајна ноќ“ (The endless night) на Нетфликс, снимена според вистинита приказна, шокантно слична на трагичниот настан кој викендов се случи во ноќен клуб во Кочани. На ист начин, со палење на огномет на сцена за време на настап на бенд, во ноќниот клуб „Кис“ во бразилскиот град Санта Марија, во 2013, се случил катастрофален пожар во кој животите ги изгубиле 242 лица, најголем дел млади, а над 600 биле повредени.
Продукцијата е заснована на книгата „Бескрајна ноќ: Нераскажаната приказна за ноќниот клуб Кис“ од 2018, напишана од наградуваната новинарка Даниела Арбекс, според истражувањата кои ги вршела за трагедијата и за последиците. Таа добила сознанија за целиот настан од бројни разговори со преживеаните, нивните семејства, од луѓето директно инволвирани во целиот овој трагичен настан до кој довеле бројни претходни пропусти.
Во пет епизоди, серијата ја открива нераскажаната приказна за она што се смета за една од најголемите трагедии во Бразил – од полициската истрага за околностите што доведоа до пожарот, до почетокот на неуморната борба за правда што ја водеа семејствата на жртвите, а која сè уште трае, десет години подоцна.
Дејствието на серијата, која е снимена во 2022 година, започнува со пожарот кој избувнал во ноќниот клуб откако на сцената бил запален огномет за време на настапот на бендот. Веднаш потоа се запалил материјалот од звучната изолација на таванот, а пламенот се проширил испуштајќи отровен чад кој го исполнил целиот простор. Пожарот го претвора ноќниот клуб во пекол на земјата. Кога посетителите на клубот не успеваат да се вратат дома, нивните родители започнуваат залудна и потресна потрага низ градот. Властите ја почнуваат истрагата за откривање на причините за пожарот, додека градот тагува за стотиците смртни случаи кои настанаа како резултат на трагедијата. Полицијата испрашува лица инволвирани во пожарот, а родителите на жртвите создаваат и здружение за да се борат за правда. Додека преживеаните се борат да закрепнат од изгорениците, истрагата доведува до бројни прашања кои треба да бидат одговорени. Судските рочиштата се одолговлекуваат со години, но никој не е кривично гонет. Родителите на жртвите се борат за судење со голема порота…
Серијата прикажува и колку потфрлија самите институции кои се директно одговорни за трагичниот настан, поради небезбедни услови во кои се одвива настанот, немањето излези за итни случаи, корупција…
Преку петте епизоди можат да се видат личните приказни и трауми на преживеаните, на членовите на нивното семејство, но и на пријателите.
Филмот е во режија на Јулија Резенде, а актерската екипа на „Бескрајната ноќ“ вклучува реномирани уметници како: Дебора Лам, Телмо Фернандес, Пауло Горгуљо, Бјанка Бјингтон, Леонардо Медеирос, Ракел Каро и Бел Коварик – кои играат ликови чии животи беа уништени со загубата на нивните деца. Покрај Ером Кордеиро и Лајла Заид, одговорни за случајот, кои ги играат полицајците и Баураки, како адвокат на семејствата, Паола Антонини, Николас Варгас, Ману Морели, Луан Виеира, Мигел Ронкато и Сандро Алипрандини играат млади жртви на трагедијата.