Денот 16 март 2025 година засекогаш ќе остане запаметен во македонската историја како најкобниот ден што некогаш се случил во градот Кочани. Најмалку 59 починати млади лица се качија на возот за вечноста, а неколку дена подоцна различните сведоштва само ја илустрираа целата слика од кобната ноќ, која засекогаш ќе биде запаметена како една од најмрачните во Македонија.

Еден од оние кои без размислување решил да отпатува во Кочани веднаш штом слушнал за трагедијата бил тренерот на македонскиот атлетичар која ја претставуваше Македонија на Летните олимписки игри во Париз, Дарио Ивановски, Игор Јакимовски.

Јакимовски самоиницијативно од Скопје се упатил на местото на трагедијата се со цел да помогне колку што може и колку што му дозволува ситуацијата.

  • Во неделата сабајле околу 6 часот штом ја прочитав првата вест за трагичната несреќа веднаш самоиницијативно од Скопје се упатив кон Кочани. Мојата животна мисија и морална должност кон својот народ и татковина е светост за мене и во ниту еден момент немав дилема дали треба да се тргне или не. Свесен сум дека секоја помош, иницијатива или било каков тип на личен и стручен ангажман би бил од голема помош за погодените од несреќата, започна Јакимовски.

Потоа, за весникот ВЕЧЕР говореше и за апокалиптичната сцена која ја видел откако пристигнал во Кочани.

  • Беше стравична глетка. Видов се што човек не би посакал да види. Но, ете тоа беше реалност и мораше некој да се соочи и справи со тоа. Од почит кон жртвите и нивните семејства само тоа ќе кажам, додаде Јакимовски.

Веднаш потоа и ја покажал својата хуманост и солидарност на дело, приклучувајќи се во помошта во болницата во Кочани по големата трагедија.

  • Помогнав на секој и секаков начин. Личен ангажман, транспорт, помош на лице место, грижа кон семејствата… Се што беше неопходно на лице место и налагаше ситуацијата, заврши Јакимовски.

Македонската јавност плаче за починатите, а воедно и се моли за преживеаните кои се наоѓаа во билнички услови во и надвор од државата.

Кристијан ТРАЈКОВСКИ

ИЗДВОЕНИ