Откако американскиот претседател Доналд Трамп најави воведување дополнителни царини за земјите ширум светот, финансиските пазари повторно се потресени. Берзанските индекси бележат силен пад, а се повеќе се зборува за влез во „мечкин пазар“ – термин кој во инвестициските кругови означува подолг период на пад и страв кај инвеститорите.
Тоа би бил втор најбрз пад од врв до „мечкин пазар“ во историјата – само оној за време на пандемијата во 2020 година беше побрз.
Што е „мечкин пазар“?
Ова е пазарна состојба во која цените на акциите или другите финансиски инструменти паѓаат за 20% или повеќе од нивното претходно највисоко ниво, во подолг временски период. Терминот доаѓа од метафорта: како мечката удира со шепата од горе до дното, така пазарот „тоне“. Спротивниот поим е пазар на „биковски пазар“ што симболизира раст и оптимизам.
И покрај големиот пад на вредноста, многу експерти предупредуваат дека акциите се уште не се евтини. Меѓу нив е Џејми Димон, извршен директор на JPMorgan Chase.
„И покрај падот на пазарните вредности, цените на акциите остануваат релативно високи. Со оглед на овие силни и главно непредвидливи околности, ние остануваме многу претпазливи“, вели Димон.
Глобална неизвесност
Царините на Трамп беа дочекани со неодобрување ширум светот, а многу земји најавија контрамерки. Берзите во САД, Европа и Азија паднаа во минус, бидејќи инвеститорите се повлекуваат и бараат побезбедни засолништа како злато или државни обврзници.
Аналитичарите предупредуваат дека трговската војна, во комбинација со инфлацијата и политичките тензии, може дополнително да го забрза падот и да ја турне глобалната економија во криза. Иако пазарот сè уште формално не го преминал прагот на територијата на „мечката“, се зголемуваат знаците дека „мечката“ е веќе тука – едноставно сè уште не загризала.