
Флорентино Перез отсекогаш имал посебна наклонетост кон Карим Бензема, поради што имаше целосна доверба во францускиот напаѓач откако пристигна во Реал (М).
И покрај критиките кои играчот ги добиваше во одредени моменти од кариерата, особено од навивачите, претседателот на клубот секогаш сметаше дека Бензема е еден од најдобрите напаѓачи во светот и играч кој е предодреден да пишува историја.
Во едно неодамнешно интервју, Бензема ја изрази својата наклонетост кон Флорентино и јасно стави до знаење дека би сакал да остане вклучен во фудбалот и по неговото пензионирање, по можност блиску до првиот човек на „кралскиот клуб“.
Францускиот напаѓач во емисијата „Los amigos de Edu“ објасни дека не размислува за опцијата да стане тренер, бидејќи смета дека тоа е покомплицирано од неговата улога како играч, но јасно кажа дека сака да остане блиску до фудбалот и претседателот на Реал (М) кога ќе реши да ги закачи копачките.
Напаѓач се осврна и на неговото заминување од клубот, истакнувајќи дека таквата негова одлука тешко била „сварена“ од Флорентино Перез, кој верувал дека Бензема ќе остане барем уште една сезона во клубот.
Според играчот, тој прво му се јавил на Перез за да го извести за неговата одлука да си замине, објаснувајќи дека младите играчи како Винисиус и Родриго се веќе подготвени да поведат во нападот на Реал (М).
Фудбалерот увери дека неговиот однос со Флорентино секогаш бил посебен и нагласил дека одлуката да си замине ја базирал на желбата да го напушти клубот во најдобриот момент, откако ги освоил сите можни титули, вклучувајќи ја и „Златната топка“.
Бензема додаде дека нема намера да се приклучи на некој тим кој е конкуренција на Реал (М), покажувајќи ја својата лојалност и благодарност кон клубот.
Французинот во кариерата постигна преку 840 гола, а најголемиот успех го постигна токму во Мадрид, каде дојде од Лион во 2009 година. Моментално Бензема е капитен на Ал-Итихад во Саудиска Арабија и за овој тим одигра 51 натпревар, постигна 31 гол и забележа 15 асистенции.