Како што наближуваат Олимписките игри во Париз и останува нешто повеќе од еден месец до нивниот почеток така полека се вжештува атмосферата за најголемото спортско натпреварување во светот.

Па така, овој пат ни доаѓа една животна приказна од Хрватска. Еден од оние што високо котираат за олимписко злато е младиот 23-годишен гимнастичар Аурел Беновиќ, за кого многумина мислат дека би можел да биде фаворит од сенка.

Станува збор за момче што има многу тешка животна приказна зад себе, која му давала мотивација за големи спортски достигнувања.

Младиот гимнастичар Беновиќ доаѓа од Осиек. Годинава го освои четвртото место во финалето на Светското првенство во Доха, што му обезбеди виза за Олимписките игри во Париз. Со тоа, го исполни и ветувањето што ѝ го дал на својата мајка кога била на смртна постела.

Аурел, за жал, ги загубил двајцата родители како млад, татко му починал уште додека бил дете и долги години се грижел за својата болна мајка, која, за жал, исто така починала.

Младиот хрватски гимнастичар ги трогна сите со емотивната објава посветена на покојната мајка, по квалификациите за Олимписките игри во Париз.

  • Јас ѝ ветив, поради неа сум таму каде што сум и ѝ благодарам за сè. Ова е за неа. Те сакам, мамо! – напиша Беновиќ.

Во последниве четири сезони, тој бележи одлични резултати на светските првенства, а во 2020 година стигна и до среброто на ЕП во Мерсин.

Гимнастика почнал да тренира на четири години и ова ќе му бидат првите Олимписки игри.