Белоруските власти денеска осудија католички свештеник обвинет за велепредавство за критикување на владата на 11 години затвор, во првиот политички мотивиран судски процес против католичко свештенство откако Белорусија стекна независност во 1991 година.
Казната против свештеникот Хенрих Акалатович дојде во време кога белоруските власти ја интензивираат репресијата врз дисидентите пред претседателските избори на 26 јануари, на кои авторитарниот претседател Александар Лукашенко сигурно ќе обезбеди седми мандат, пренесува Бета.
Невладината организација за човекови права „Весна“ (Пролет) соопшти дека 64-годишниот Акалатовиќ ги отфрлил обвинувањата за предавство. Таа група активисти за човекови права вели дека тој е еден од 1.265 политички затвореници во Белорусија.
Претставникот на „Весна“, Павел Сапелка, рече дека католичкиот свештеник е осуден за прв пат по падот на комунистичкиот режим во Белорусија, под обвиненија кои обично се излагаат против политички затвореници, велејќи дека острата казна има за цел „да ги заплаши и замолчи стотици други свештеници пред претседателските претседателски избори во јануари.
На Акалатовиќ, кој е во притвор од ноември 2023 година, му беше дијагностициран рак и беше опериран непосредно пред апсењето. Свештеникот, кој ја критикуваше власта во своите проповеди, е задржан во притвор, без комуникација со надворешниот свет, а затворските службеници одбиваат да му дадат топла облека и храна што му биле испратени.
Тој е еден од десетиците свештеници – католици, православни и протестанти – кои се затворени, замолчени или принудени на егзил поради учество во протестите по претседателските избори во 2020 година, на кои Лукашенко обезбеди шести мандат.
Оние спорни избори, кои и белоруската опозиција и западните земји ги сметаат за неслободни и нефер, предизвикаа масовни протести, на кои владата одговори со репресии на неистомислениците – повеќе од 65.000 луѓе беа уапсени, а илјадници беа претепани од полицијата.
Католичкото и протестантското свештенство, кои ги поддржаа протестите и им даваа засолниште на демонстрантите во црквите, беа особено цел на репресијата. Белоруските власти редовно ги повикуваат свештениците на „превентивни“ политички разговори, ги следат нивните активности на социјалните мрежи и испраќаат членови на безбедносните служби да ги следат проповедите.