Белградските таксисти ги подржаа студентите, во недела тргнуваат по нив во Нови Сад

20

Таксистите од Белград во недела во 13 часот од аеродромот Никола Тесла организираат патување во Нови Сад, за да им дадат поддршка на студентите и бесплатно да ги вратат во Белград. Во кампањата учествуваат сите такси здруженија.

„Во моментов располагаме со околу 50 возила, но одзивот од нашите колеги ќе биде уште поголем“, вели за Данас таксистот Никола Антиќ. Тој додава дека сакаат да им дадат поддршка на студентите кои пеш тргнаа кон Нови Сад.

„Ова го правиме поради младите кои ја сочинуваат иднината на нашата земја. Затоа што ние самите сме родители кои се грижиме за иднината на нашите деца. Со оглед на тоа дека состојбата во државата е состојба на тиранија, беззаконие и чести напади кои се случуваат во последно време, вклучително и против нас таксистите. Секоја професија ја направија бесмислена, почнувајќи од воспитувачите, здравствените работници и други. Сакаме нашите деца да растат во нормално општество и систем каде нема да се вработуваат по партиска припадност и само преку врски. Сакаме да им оддадеме почит на загинатите во Нови Сад“, велат таксистите.

Студентите во блокадата вчера пеш тргнаа кон Нови Сад под слоганот „Еден чекор од правдата“. По преноќувањето во Инџија денеска ќе ги продолжат преостанатите четириесет километри, а утре ќе им се придружат на новосадските колеги во блокирањето на три градски моста, со што симболично ќе се одбележат три месеци од уривањето на настрешницата на Железничката станица, кога загинаа 15 лица.

ИЗДВОЕНИ