Белата куќа потврди: Бајден не размислува да се откаже од кандидатурата на претседателските избори

41

Американскиот претседател Џозеф Бајден не размислува за повлекување како претседателски кандидат, соопшти денеска Белата куќа.

„Апсолутно не“, беше одговорот на портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, на новинарско прашање дали Бајден размислува да се повлече од изборната трка, пренесува Ројтерс.

„Тој разбира дека е фер луѓето да го поставуваат тоа прашање. Го видов претседателот во Западното крило (на Белата куќа) пред да отидам на говорницата на брифингот со новинарите. Изгледаше одлично“, рече таа.

Претходно денеска, Бајден разговараше со лидерот на мнозинството во американскиот Сенат, Чак Шумер, со демократскиот претставник Џејмс Клибурн, копретседател на кампањата Бајден-Харис и со поранешната претседателка на Домот Ненси Пелоси.

Си-Ен-Ен објави дека Бајден и американската потпретседателка Камала Харис разговарале и со сите членови на изборниот штаб на Бајден за овогодинешните претседателски избори и дека „детално го опишале влогот на претстојните избори“.

Бајен, според неименуван извор, рекол дека „кога ќе те соборат, повторно се исправаш“.

„Да го победиме ова“, беа зборовите на Бајден на крајот од разговорот.