Белата куќа во понеделникот потврди дека главниот уредник на списанието „Атлантик“ по грешка бил вклучен во високо доверлив групен разговор со група високи американски функционери за нападите врз јеменските Хути.
Несомнено се смета за еден од најсериозните безбедносни неуспеси во поновата американска воена историја.
„Во овој момент, серијата пораки цитирани во статијата се чини дека се автентични и истражуваме како бројот е додаден по грешка“, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност, Брајан Хјуз.
Претходно во понеделникот, новинарот Џефри Голдберг во долга статија откри дека добил, преку апликацијата за пораки Signal, детален план за нападот на американската војска на 15 март против бунтовничката група во Јемен.
„Секретарот за одбрана, Питер Хегсет, ми го испрати планот за напад“ два часа пред почетокот на нападот, вклучувајќи „прецизни информации за оружјето, цели и распоред“, пишува Џефри Голдберг, главен уредник на престижното списание „Атлантик“.
Новинарот објаснува дека се започнало на 11 март, кога бил контактиран од советникот за национална безбедност на Белата куќа, Мајк Волц, преку апликацијата за пораки Signal, која е многу популарна меѓу новинарите и политичките лидери поради наводната доверливост.
Два дена подоцна следела порака во која се повикува на „координација“ на акцијата против Хутите, а потоа следеле уште неколку пораки.
Џефри Голдберг објаснува дека во тој групен разговор учествуваат вкупно 18 луѓе, меѓу кои, според него, се шефот на дипломатијата Марко Рубио, потпретседателот Џеј Ди Венс и шефот на ЦИА, Џон Ретклиф.
До 15 март, тој видел серија пораки од највисоките функционери на американската влада, вклучително и онаа од Пит Хегсет од 15 март, во која се опишани неодамнешните напади.
Новинарот рече дека додека не излегле првите информации за вистинските напади имал „силни сомневања“ во кредибилитетот на оваа група.
Тој додаде дека „не може да верува дека советникот за национална безбедност на претседателот ќе биде толку непромислен за да го вклучи главниот уредник на „Атлантик“ во такви доверливи дискусии.