Во 2024 година исчезна општина голема како Пласница, населението се намалило за 4.146 лица. Статистиката покажува дека во текот на минатата година имало 15.662 живородени бебиња, но и 19.808 умрени лица. Од 80 општини во земјава во 60 има негативен природен прираст. Ако на ова се додаде и губењето на населението по основ на заминувањето во странство, излегува дека бројот на жителите се намалил за околу 5.000 лица. Демографот Дончо Герасимовски предупредува дека што побрзо треба да се преземаат стимулативни мерки. И националниот координатор за демографија, млади и човечки ресурси Владимир Ѓорчев оцени дека демографската состојба во Македонија е тешка и никогаш не била полоша, па неодамна најави демографска стратегија, која ќе донесе позитивни мерки за државата во наредните 20 години |
Речиси цела една македонска општина каква што е, на пример, Пласница, која на пописот од пред четири години имала 4.222 жители, во минатата година „исчезнала“ од Македонија! Ова го покажуваат вкупните податоци за бројот на населението во Македонија доколку се споредат годишните податоци за бројот на новородените бебиња и за бројот на умрените лица. Така, сумирањето на четирите тримесечни извештаи на Државниот завод за статистика покажуваат дека на крајот на декември 2004 година, населението во земјава се намалило за дури 4.146 лица. Ова го покажува разликата меѓу бројот на новородените бебиња кои лани вкупно изнесувал 15.662 живородени деца и бројот на умрените – 19.808 лица, односно во нашата земја повторно е регистриран негативен природен прираст.
Статистички и демографски експерти предупредуваат дека состојбите стануваат се позагрижувачки.
-Ова е веќе шеста година по ред како се бележи негативен природен прираст, односно имаме многу повеќе умрени отколку новородени деца. Речиси да нема регион во земјава во кој има повеќе раѓања отколку умирачки. Колку за споредба, во 2015 година во земјава биле родени 23.100 деца, предупредува Дончо Герасимовски, поранешен директор на Државниот завод за статистика.
Анализата на осумте региони, на колку што статистички е поделена државата, покажува дека во 7 има негативен природен прираст, односно, намалување на населението. Повеќе раѓања отколку погреби имало само во Скопскиот регион, но и од неговите 17 општини во 6 имало повеќе умрени отколку родени лица. Во сите други региони продолжиле негативни трендови, па дури и во Полошкиот Регион со Тетово како центар, во кој од девет општини во шест имало намалување – Боговиње, Врапчиште, Брвеница, Јегуновце… Исто така било и во југозападниот регион со центрите како што се Гостивар и Кичево, во кој град намалувањето се случува веќе десет години за ред, во Пелагонискиот, а посебно намалувањето е најизразено во југоисточниот и во источниот регион.
Во 2021 година населението во земјава, по основ на се помали раѓања, се намалило за 10.236 лица (период на ковид-кризата), во 2022 година за 4.604, а во 2023 година за 3.425 лица.
Ако на ова се додаде и губењето на населението по основ на заминувањето во странство, излегува дека годинава бројот на жителите во земјава ќе се намали најмалку за околу 5.000 – 6.000 лица. ВЕЧЕР неодамна објави дека процесот на заминувањето во странство не запира ниту во последните три години, по официјалниот попис на населението.
-За три години од Македонија во странство се отселиле 5.169 граѓани. Во 2023 година, на пример, своето заминување го пријавиле 2.034 лица, што е нагорен тренд бидејќи во 2022 година заминале 1.905 граѓани, а во 2021 година 1.230, покажуваат податоците кои весникот ВЕЧЕР ги доби од Државниот завод за статистика.
Демографот Дончо Герасимовски предупредува дека што побрзо треба да се преземаат стимулативни мерки.
-Сите анализи покажуваат дека досегашните стратегии не ја остваруваат својата цел. На ваквата загрижувачка појава треба да ѝ пристапиме заеднички, без поделби на она што го мисли власт, а што го мисли опозицијата. И двете страни треба да се обединат со свои претставници и предлог-мерки во едно тело кое ќе предлага одредени мерки зависно од периодот, околностите и можностите на земјава. Треба да се применува она што ќе има ефект, а ако нема ефект брзо да се менува со друга мерка. Основно е младите луѓе да се задржуваат тука. Апсурдно е да имаме состојба повеќе деца да ни се раѓаат во странство каде што сега живеат наши сонародници отколку дома. Истовремено, потребно е мотивирање на младите за што порано создавање на семејства, за раѓање на што повеќе деца, апелира Герасимовски.
И националниот координатор за демографија, млади и човечки ресурси, Владимир Ѓорчев, оцени дека демографската состојба во Македонија е тешка и никогаш не била полоша, па неодамна најави демографска стратегија која ќе донесе позитивни мерки за државата во наредните 20 години.
„Мора да се работи на оваа тема и да се подобрат бројките. На пример во 2023 година во Македонија се родени 17.700 бебиња. Тоа е најмалку досега во историјата на Македонија. Во 1950 година имало по 50.000 бебиња годишно – изјави Ѓорчев и додаде дека за падот на бројот на новородени бебиња виновни се од претходната власт со нивните, како што ги нарече, антисемејни политики. (Б.Ѓ.)